Откако се консултираше со организации кои работат на полето на приватноста во ЕУ и САД, Гугл реши да го ограничи времетраењето на задржување на податоците за корисниците и нивните пребарувања од 18 до 24 месеци
Откако се консултираше со организации кои работат на полето на приватноста во ЕУ и САД, Гугл реши да го ограничи времетраењето на задржување на податоците за корисниците и нивните пребарувања од 18 до 24 месеци.
Сега Гугл ги зачувува информациите од пребарувањата заедно со ИП (Internet Protocol ) адресите коишто можат да се искористат за да се идентификува личноста којашто пребарувала. – Кога пребарувате на Гугл ние собираме информации за вашето пребарување како што се самиот термин, ИП адреси и колачиња – се вели во постот на блогот на Гугл напишан од Петер Флејшер, адвокатот на Гугл за приватност во Европа и заменикот генерален советник Никол Вонг.
Компанијата најави дека сега ќе го намали овој период на задржување на податоци со тоа што ќе ги брише ИП адресите за пребарувања постари од 18 до 24 месеци. Самите информации за пребарувањето ќе се зачувуваат онолку колку што се смета дека е потребно.
– … Освен ако не сме законски обврзани подолго да ги зачувуваме логовите, ќе ги анонимизираме логовите на нашите сервери по одреден временски период. Ќе продолжиме да ги чуваме логовите, но ќе бидат анонимни така што никој не ќе може да ги идентификува индивидуалните корисници по 18 до 24 месеци – изјавија Флејшер и Вонг.
Поддржуваните на приватноста ја оценија мерката како позитивна. – Ова е нешто што го заговаравме веќе неколку години наназад – изјави Ари Шварц, заменик-директор на Центарот за демократија и технологија за Бибиси.
Флејшер изјави дека компанијата ќе ги задржува податоците најмногу 24 месеци за да биде во согласност со Директивата за задржување на податоците на ЕУ што им дава мандат на земјите-членки на ЕУ да донесат закони кои ќе им наложат на интернет-провајдерите да ги задржуваат податоците за корисниците во период меѓу 6 месеци и 2 години.
Поддржуваните на приватноста сè уште се загрижени затоа што податоците собрани од Гугл или други пребарувачи или веб-компании можат да се користат за да се следат онлајн навиките на луѓето.
Ричард Клејтон, истражувач на веб-следење при универзитетот Кембриџ, смета дека иницијативата на Гугл е добар но сепак недоволен чекор затоа што смета дека нема вистинско оправдување за зачувување податоци за 2 години.
Тој верува дека компанијата ја користи директивата на ЕУ за да определи временски рокови за зачувување податоци и дека вистинската причина всушност е поврзана со трошоците потребни за анонимизирање на пребарувањата.
– Не може да се определи ниту дали оваа директива се однесува на логови од пребарувања – вели Клејтон.
Гугл смета дека со оваа мерка „ја нагласува вистинската рамнотежа меѓу две цели: продолжување на подобрувањето на услугите на Гугл за тебе, истовремено обезбедувајќи поголема транспарентност и сигурност за нашите практики на задржување“ како што наведоа Флејшер и Вонг. – Можеби законите за задржување податоци во иднина ќе не обврзат да ги зачувуваме логовите подолго.
Од друга страна, пак, Јаху објави дека ќе ги задржува податоци онолку колку што налага директивата на ЕУ но не објасни што ќе се случи по 24 месеци.
– Ја разгледуваме Директивата за задржување на податоците на ЕУ затоа што стапува на сила на територијата на цела Европа. Нашите услуги кои се опфатени со директивата ќе бидат во согласност со законите затоа што тие се носат во секоја земја во која ние сме присутни – беше коментарот на Јаху.



