Библиотеките на пет од најзначајните академски институции во светот ќе бидат дигитализирани од Гугл. Во проектот се вклучени комплетниот фонд на книги од библиотеките на универзитетите…

Библиотеките на пет од најзначајните академски институции во светот ќе бидат дигитализирани од Гугл (Google). Во проектот се вклучени комплетниот фонд на книги од библиотеките на универзитетите Мичиген и Стендфорд, како и архивите на Харвард, Оксфорд и Јавната библиотека на Њујорк. Исто така, ќе има и линкови до библиотеките со цел книгите да можат да се изнајмат, а ќе има и линкови до книжарницата на Амазон.

Ќе бидат потребни околу шест години за да се дигитализира целосниот фонд на библиотеката на универзитетот Мичиген којашто содржи околу 7 милиони изданија. Корисниците ќе имаат пристап само до извадоци или до библиографијата на изданијата заштитени со авторски права.

Библиотеката од Њујорк ќе дозволи да бидат вклучени само мал дел на книги коишто не се заштитени со авторски права.

Харвард го ограничува своето учество на само 40 000 книги, додека Оксфорд сака Гугл да ги скенира книгите коишто првично се објавени во 19 век и се наоѓаат во библиотеката Бодлијан (Bodleian Library). Гугл ќе скенира околу еден милион книги, што претставува помалку од 15% од целосниот фонд на Бодлијан.