Францускиот орган Хадопи соопшти дека неговата Комисија за заштита на правата ги испратила првите жалби до судот против интернет-корисниците за нелегално преземање датотеки, како последна фаза од неговиот систем со три предупредувања пред исклучување од интернет.

Од ноември 2010 г. до денес, повеќе од 800.000 француски интернет-корисници добиле предупредувања преку е-пошта дека се осомничени за нелегално преземање материјали заштитени со авторски права. Од нив, се смета дека околу 45.000 го направиле истото повторно и добиле второ предупредување, а по шест месеци околу 165 биле повикани од страна на Комисијата за заштита на права да се испратат на суд за да се одлучи да им се прекине интернет-врската.

Иако не беше откриена точна бројка, портпаролот на Хадопи изјави дека предметите биле испратени до обвинители низ цела Франција, според местата на живеење на обвинетите интернет-корисници. Обвинителството ќе ги обработува случаите и ќе одлучува дали да ги поднесе до судот кој може да изрече максимална парична казна од 1.500 евра и едномесечен прекин на интернет-врската.

Прекршокот за кој се обвинуваат интернет-корисниците е дека не спровеле систем за „обезбедување“ на нивната интернет-врска или не направиле напори таквиот систем да функционира правилно. Хадопи како доказ за прекршокот ја предвидува само постапката подготвена од назначените агенти врз основа на наодите обезбедени од компанијата ангажирана од сопствениците на правата.

Законот дозволува брза, поедноставена постапка за Хадопи со која нема потреба да се сослуша обвинетиот и преку која судот може да изрекува казни доколку „со судската истрага се покаже дека фактите за кои корисникот е обвинет, се едноставни и докажани“.

Министерството за правда дури објави и писмо барајќи обвинителството да избегне, со исклучок на одредени случаи, подетална истрага бидејќи доказите обезбедени од страна на Хадопи се доволни за да се докаже кривичното дело.

„Ова е пропаднатиот мит за педагошкиот пристап на Хадопи. Сите оние кои сакаа да ве уверат дека Хадопи бил средство наменето само за да ги сензибилизира младите интернет-корисници во врска со авторските права, сега се соочуваат со противречности“, изјави Орели Филипети, одговорен за култура во кампањата на претседателскиот кандидат Франсоа Холанд.

Извор: ЕДРИ-грам „Hadopi takes the final steps towards cutting Internet access“ бр. 10.3, 15 февруари, 2012.