Холандската полиција ќе мигрира кон софтвер со отворен код секаде каде што тоа е можно, но не во сите случаи, неделава изјави портпаролот на Vtspn, коригирајќи го соопштението објавенo од дистрибутерот на Линукс „Ред Хет“ пред една недела.
„Со тоа погрешно се навести дека одлучуваме да користиме исклучиво софтвер со отворен код“, вели Фред Клуит, портпарол на Vtspn, организацијата за ИТ поддршка на сите полициски станици и оддели во Холандија.
Според Клуит, холандската полиција ќе користи софтвер со отворен код секаде каде што тоа е технички изводливо и каде што е во согласност со функционалните и технички услови на полициските оддели. Исклучоци за оваа нова политика ќе има, на пр. во случаите кога користењето на софтвер со отворен код би влијаело негативно на полициската работа. „Важно е, но не е наш прв приоритет да заштедиме на трошоци со преминувањето кон софтвер со отворен код“.
Според портпаролот, тековната ИТ инфраструктура овозможува миграција кон софтвер со отворен код. Одлуката исто така е во согласност со националната политика за ИТ на земјата. „Како и речиси сите други ИТ организации, ние во изминатите декади започнавме да користиме голем број системи базирани на Виндоуз. Сепак, нашата тековна политика е да претпочитаме софтвер со отворен код“.
Извор: OSOR.eu “NL: Police forces to use open source software ‘where possible'” 14 октомври, 2009.