Хрватската фирма за бизнис-апликации ИН2 потпиша договор за испорака на лиценци и инсталации на софтверот ИНвест2 во двата задолжителни пензиски фондови во Македонија: КБ Прво друштво за управување со пензиски фондови и Нов пензиски фонд. ИНвест2 е интегрирано софтверско решение за поддршка на работата на фондовите и поддршка на деловните процеси во инвестициското банкарство. Вкупната вредност на договорот изнесува околу 150 000 евра. Имплементација и адаптирањето на решенијата ќе трае до крајот на јануари 2006 година.
-Во склоп на македонската реформа на пензиските фондови ИН2 им ја понуди апликацијата ИНвест2 на друштвата за управување со задолжителните пензиски фондови. Во конкуренција на компании и надвор од просторите на поранешна Југославија, ИНвест2 беше одбран од страна на двете друштва за управување со задолжителните пензиски фондови – стои во изјавата на Мирослав Острошки, директор на ИН2 објавена на веб-сајтот на компанијата.
Освен македонските пензиски фондови, софтверот ИНвест2 го користат повеќе од 20 фирми за управување со фондови во Словенија и Хрватска. Софтверската платформа е целосно базирана на Оракл (Oracle) технологија.