Две паралелни иницијативи на австриската AK Vorrat (Работната група за задржување податоци) добиваат импресивна поддршка од пошироката јавност.
Од една страна, граѓанската иницијатива за укинување на Директивата на ЕУ за задржување податоци и евалуацијата на националното анти-терористичко законодавство веќе ја потпишаа повеќе од 100.000 граѓани. Од друга страна, повеќе од 7.000 лица учествуваа во планираната уставна жалба против спроведувањето на задржувањето податоци на национално ниво.
Минатата година, австриската AK Vorrat започна граѓанска иницијатива со цел да ја поттикне австриската влада да заземе став против задржувањето податоци на Европско ниво и да изврши евалуација на бројните државни закони кои се спроведуваат за наводна борба против тероризмот. Иако оваа иницијатива досега ја поддржаа над 100.000 луѓе, AK Vorrat планира натамошни активности за задржувањето податоци во Австрија да се сведе на минимум .
Австриската влада долго време го одложуваше спроведувањето на Директивата на ЕУ за задржување податоци. Во пролетта 2010 година, откако ЕК поднесе прекршочна постапка, Владата конечно го усвои соодветниот пакет мерки кој стапи во сила на 1 април 2012 година.
Во 2010 г., работната група веќе ги започна своите подготовки за жалба до австрискиот Уставен суд, но бидејќи т.н. жалба од физичко лице може да се поднесува само за закон кој е во сила (и кога врз поединецот директно влијаат оспорените одредби) активистите мораа да чекаат до април, 2012 година.
Кога дојде тој ден, работната група ги претстави своите планови на прес-конференција. Целта беше да се мотивираат околу 1.000 поединци да се придружат кон жалбата против задржувањето податоци во Австрија. Оваа цел беше постигната за само два дена по објавувањето. Во рок од три недели повеќе од 18.000 лица ја покажаа својата намера да се приклучат на акцијата, од кои речиси 7.000 веќе го поднесоа неопходното формално овластување.
Масовната жалба против задржувањето податоци се чини дека ќе стане најголемата жалба во историјата на Републиката. Пропорционално, бројот на жалители во Австрија е многу поголем од бројот на жалители кои ја поддржаа жалбата што доведе до укинување на германскиот Закон за задржување податоци во 2010 година: околу 34.000 Германци ја поддржаа жалбата – од население со повеќе од 80 милиони. Бројката од 7.000 жалители од Австрија на население од околу 8 милиони евра е двојно повеќе во сооднос со Германија.
Сепак, некои експерти не веруваат дека жалбата ќе успее да го укине задржувањето податоци во Австрија. Тие тврдат дека австрискиот суд е обично многу поконзервативен во своите одлуки за разлика од германските судии и дека австриските судии имаат тенденција да ги спроведуваат одлуките на ЕУ.
Активистите на AK Vorrat сè уште се доста оптимистички настроени дека ќе го убедат Уставниот суд. Нивната цел не е само да се постигне одлука за одбивање на австриското законодавство за спроведување на задржувањето податоци (како што тоа се случи во Германија или во Чешката Република). Тие сакаат да го убедат судот дека задржувањето податоци само по себе не е воопшто компатибилно со основните права.
Иницијативата ја поддржуваат и членот на ЕДРИ – VIBE!АТ, адвокати од Институтот за човекови права Лудвиг Болцман и повеќе активисти. Иницијативата ја поддржува и европратеникот од Партијата на зелените, Алберт Штајнхаузер. Сите тие апелираат за натамошна поддршка на жалбата.
Сите австриски жители кои сакаат да се приклучат се охрабруваат да ги испраќаат своите изјави за поддршка до 18 мај 2012 година. Изјавите за поддршка се достапни на verfassungsklage.at
Граѓанската иницијатива е сè уште отворена за поддршка. Сите Австријци на возраст од најмалку 16 години можат да ја поддржат иницијативата преку интернет на zeichnemit.at
Извор: ЕДРИ-грам: “Thousands of Austrians standing up against data retention” бр. 10.8, 25 април 2012.



