Јосифовска Даниловска: Без отворени и отчетни институции нема суштински дијалог со граѓаните во процесот на носење на одлуки

Македонските институции и натаму не се целосно отворени за граѓаните, им недостасува пракса да обезбедат соодветна комуникација, да ги објавуваат редовно сите информации кои се од големо значење за следење на нивната ефикасност и законитост, додека пак дел од нив воопшто и не се грижат за веб страниците на кои не може да се дојде до соодветни податоци. Со цел да се согледаат состојбите Проектот ACTION SEE изработи Индекс на отвореност каде врз основа на повеќе параметри се следат сите институции на регионално ниво вклучувајќи ја и Македонија. За тоа дали се подобрени состојбите со отвореноста и транспаретноста на институциите разговараме со Мила Јосифовска Даниловска координатор на програмата за општествена отчетност и човекови права онлајн во Фондација Метаморфозис која е дел од Проектот ACTION SEE. Прогрес има, но тој е речиси минимален ако се земе гледано година за година. Во нивниот Индекс најниска оценка има јавното обвинителство со 3,38% на исполнетост, потоа следи Вишото јавно обвинителство со 22,83% исполнетост, локалната самоуправа и владините агенции исто така се под 30%. Највисоки оценки имаат Владата со 77,68%, Собранието со 66,43% и генерално министерствата со резултат 52,19%, додека пак сите останати институции се со резултат под 50% исполнетост во овој Индекс.

Фактор: Вие спроведувате мониторинг над државните органи и институции во последните три години што е доволен период да се согледаат состојбите. Кои се вашите оценки за отвореноста, транспарентноста и отчетноста на институциите во овие четири години, што покажуваат вашите мерења од надзорот?

Јосифовска Даниловска: Основната цел што сакавме да ја постигнеме преку проектот беше да се зголеми вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации при донесување на одлуки и креирање на јавното мислење и политики, како и да се зголеми нивниот капацитет за да дејствуваат на полиња кои не се обработуваат во секојдневието со почувствителни проблеми. Како дел од овој четиригодишен проект го креиравме Индексот на отвореност и преку него веќе 3 години по ред го мериме степенот до кој државните институции од Република Северна Македонија и Западен Балкан се придружуваат до принципите и стандардите на транспарентност и отвореност. Преку Индексот мониториравме дел од институциите на национално и локално ниво (извршни тела, локални самоуправи, судови и јавни обвинителства) и мерењето се спроведуваше во сите шест земји од Западен Балкан. Резултатите од последните мерења за институциите во Република Северна Македонија може да се видат во Сеопфатен план за добро владеење за државните институции во Република Северна Македонија – 2019 кој е достапен на македонски, албански и англиски јазик. Исто така, препораките за сите мониторирани институции од сите земји од регионот може да се најдат на нашата проектна веб страна за ресурси.

На национално ниво и во споредба со минатата година каде што постигнавме 29% исполнување на индикаторите за институционална отвореност, годинава се забележува подобрување со 33% исполнување на индикаторите, меѓутоа овој пораст ги опфаќа сите мониторирани институции и не е многу значителен земајќи предвид дека порастот на степенот на отвореност кај сите институции не е ист.

Најголемо подобрување во споредба со минатата година се забележува кај Собранието и институциите на извршната власт, меѓутоа исто како и минатата година, ангажираноста и посветеноста на стандардите за отвореност се на различно ниво кај различните структури на извршната власт. Се забележува напредок и кај општините во споредба со минатата година (24% исполнетост на Индексот на отвореност), но и покрај напредокот, резултатите од оваа година покажуваат дека Северна Македонија е на последното место во регионот со само 25%, што е значително под просекот во регионот (36% регионален просек) што понатаму покажува ниско ниво на посветеност на општините на исполнување на стандардите за отвореност.

Фактор: Може ли да ни објасните врз кои параметри се базира индексот на отвореност, кои институции се опфатени и какви се оценките за нивното работење?

Индексот на отвореност го мери степенот до кој институциите на земјите од Западен Балкан се отворени за граѓаните и општеството, врз основа на четири принципи: транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност, кои понатаму имат свои параметри на кои се базираат. Принципот на „транспарентност“ се однесува на организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки. Под „пристапност“ се подразбира дека се обезбедуваат и почитуваат постапките за слободен пристап до информациите и зајакнување на пристапноста на информациите преку механизмот на јавни сослушувања и зајакнување на интеракцијата со граѓаните. „Интегритетот“ вклучува механизми за спречување на корупцијата, имплементација на Етичките кодови и регулирање на лобирањето, додека пак „ефикасностa“ се однесува на мониторингот и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат институциите.

 

 

 

Методологијата е направена следејќи ги меѓународните стандарди, препораки и примери за добра практика, и овие начела понатаму се разработени преку специфични квантитативни и квалитативни индикатори кои се оценуваат врз основа на достапност на информациите на официјалните интернет страници на институциите, квалитетот на правната рамка за поединечни прашања, други извори на информации од јавен карактер и прашалници до институциите. До сега се направени две унапредувања на методологија од кои едното е направено минатата година и за прв пат се спроведува во четвртото мерење кое започна од декември 2019 година и ќе трае до крај на март 2020 година.

Фактор: Какви се состојбите во овој период, има ли подобрување во постапувањето од страна на институциите?

Јосифовска Даниловска: Генерално може да се каже дека отвореноста кај одредени институции се зголемува, тоа зависи и од политичката волја, зависи од достапноста на раководителот на институцијата кој е задолжен за тој сектор, зависи од постоење на правната рамка и нејзино разбирање од страна на службениците и тие кои се задолжени да ги спроведуваат законите. Така што во самата институција треба да постојат многу услови за достапност на податоците и нивна отвореност, односно истите да бидат на располагање на јавноста согласно регулативата и стандардите. Треба да се одговори на сите доставени прашања од јавен карактер и потоа одговорите да бидат и јавно објавени на веб страниците на институциите за да бидат достапни за сите. Од голема важност е и документите да се достапни во прифатлив и разбирлив формат за пристап да има секој граѓанин.

Фактор: Како ќе ја оцените активноста на институциите од власта кога се во прашање информациите кои ги објавуваат на нивните веб страници, дали треба да се зголеми нивниот обем и колку е важно да има отвореност на податоците при носење на буџет, негово трошење и извршување, кои информации се клучни за вклученост и граѓаните, медиумите, поажурно да бидат вклучени во самите процеси?

Јосифовска Даниловска: Тука има голема дискрепанца во тоа што го објавуваат институциите на извршната власт и тоа што се објавува од страна на локалните самоуправи. Колку повисоко е поставен одреден орган, на пример министерство, забележуваме дека има повеќе достапни информации, за разлика од општините кои немаат ист обем на јавно достапни податоци. Тоа е одреден парадокс бидејќи токму локалната власт треба да биде најблиска до граѓаните за нивните секојдневни потреби и проблеми. Но, достапноста на нивните веб страници е на многу незадоволително ниво, па според мерењата треба да се направат повеќе подобрувања.

Фактор: Кои други алатки како визуелизација се достапни за граѓаните, организациите и медиумите при надзорот и следењето на отвореноста на институциите и како да се создаде поголема вклученост која ќе даде резултати во делот на одговорноста на власта?

Според нашите мерења, ние секоја година подготвуваме визуелизации кои се јавно достапни на нашите проектни веб страни и социјални медиуми, каде што визуелно ги претставуваме податоците кои ги добиваме од последните мерења и правиме споредби со минатите години.

Притоа, на веб платформата посветена на Индексот за отвореност, визуелно се достапни сите податоци за секоја институција по земја, принцип и други начела кои може да бидат од голема корист за граѓаните, организациите и медиумите во нивните активности за лобирање.

Податоците се јавно достапни за сите заинтересирани, и останува на граѓаните, организациите и медиумите заеднички да продолжат да ја надгледуваат и следат отвореноста на институциите и да им укажуваат на истите за тоа во кој аспект од нивната работа може и треба да се подобрат. Суштински е да се воспостави взаемна доверба помеѓу сите чинители, односно помеѓу граѓаните, организациите и медиумите заедно со институциите и да се продлабочи нивната соработка за да успешно ја донесеме институционалната отвореност на повисоко ниво и со тоа да и овозможиме на јавноста полесен и рамноправен пристап до информации за нивното учество во демократски процеси на донесување на одлуки и генерално информирано учество во општествениот живот.

Нашите залагања за поголема отвореност на институциите не престануваат, и затоа како што веќе напоменав, продолжуваме да ги мониторираме институциите и нивната отвореност со фокус на извршната власт и Собранието, преку унапредена методологија на Индексот на отвореност. Мониторирањето е веќе во тек и ќе трае до крај на март 2020 година. Регионално, мониторирањето на институционална отвореност преку Индексот на отвореност исто така продолжува во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.