Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од Фондацијата „Метаморфозис“ на Економски Брифинг

Минатата недела претставник на Фондацијата „Метаморфозис“ учествуваше во панел дискусија во првата емисија од новата серија на Собраниски канал, наречена „Економски брифинг“. Во емисијата, претставници на законодавната власт, граѓанскиот сектор и бизнис-секторот дебатираа за тековните процеси на усвојување закони за дигитална трансформација, кои се дел од европската агенда.

Покрај дискусија за законите за сајбер-безбедност, електронски комуникации и архивско работење кои во тој момент беа во собраниска процедура, стана збор и за потребата на уште поширока примена на сеопфатен пристап за целото општество, при што прв чекор е продолжувањето на процесот за креирање Национална стратегија за градење отпорност кон штетното влијание на дезинформациите, со учество на сите засегнати страни.

Во име на законодавната власт панелист беше пратеникот Пеце Милевски, претставник на граѓанскиот сектор беше Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси од Фондацијата „Метаморфозис“, додека приватниот сектор го претставуваше Благој Христов, член на Управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.