Северна Македонија на последно место во регионот според отвореноста на општините

Отвореноста е клучен услов за демократијата, бидејќи им овозможува на граѓаните да ги добијат информациите и знаењата потребни за еднакво учество во политичкиот живот, ефикасно донесување одлуки и барање одговорност од институциите за политиките што ги спроведуваат. Индексот на отвореност го мери степенот до кој институциите на земјите од Западен Балкан се отворени за граѓаните и општеството, врз основа на четири принципи: транспарентност, пристапност, интегритет и ефикасност.

За индексот разговаравме со Мила Јосифовска Даниловска од „Метаморфозис“, која ни појасни дека едно е отвореност, а кога станува збор за транспарентност на општините, но и за сите други институции говориме дека организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки се јавно достапни и објавени.

Пристапноста се однесува на обезбедување и почитување на постапките за слободен пристап до информациите и зајакнување на пристапноста на информациите преку механизмот на јавни сослушувања и зајакнување на интеракцијата со граѓаните.

Интегритетот вклучува механизми за спречување на корупцијата, имплементација на етичките кодови и регулирање на лобирањето. Последниот принцип, ефикасност, се однесува на мониторингот и евалуацијата на политиките што ги спроведуваат институциите.

Следејќи ги меѓународните стандарди, препораки и примери за добра практика, овие начела се понатаму разработени преку специфични квантитативни и квалитативни индикатори кои се оценуваат врз основа на достапност на информациите на официјалните интернет-страници на институциите, квалитетот на правната рамка за поединечни прашања, други извори на информации од јавен карактер и прашалници до институциите.

Фондацијата „Метаморфозис“ од 2016 година спроведе тригодишно истражување преку Индексот на отвореност, како алатка на проектот ACTION SEE финансиран од Европската Унија, а параметрите за тоа како се движат параметрите сега Јосифовска Даниловска од „Метаморфозис“ за МИА вели дека во споредба со втората година на мерење – 2017-та, кога регионалното ниво на отвореност на локалната самоуправа било 31 процент, резултатите од третата година – 2018-та покажуваат минимален пораст на отвореноста на општините, односно 36 проценти.

Со овој пораст, општините на Западен Балкан, без разлика што е недоволен, успеаја да ги надминат резултатите од првата година на мерење 34 проценти. Сепак, генерално, вели Јосифовска Даниловска, резултатите остануваат на незадоволително ниво.

И покрај напредокот во отвореноста на општините во Северна Македонија во споредба со минатата година, резултатите од оваа година покажуваат дека земјава е на последното место во регионот со само 25 отсто, што е значително под регионалниот просек и покажува ниско ниво на ангажираност и посветеност на општините на исполнување на стандардите за отвореност.

– Алармантна е состојбата, со оглед на суштината на постоењето на општините, каде што тие треба да бидат во служба на граѓаните, транспарентноста да ја темелат на отворени податоци и информации, да имаат јасни процедури за партиципативно одлучување, како и јасни процедури за добивање на јавните услуги, но и отчетно да објаснуваат за што ги искористиле јавните пари кои им биле на располагање и на кој начин го подобриле животот во заедниците, вели Јосифовска Даниловска.

Отвореноста на локална власт во земјите од Западен Балкан е во просек 36 проценти, а поединечно по земји изнесува – Црна Гора 51 отсто, Косово 41, Албанија 36, БиХ 34, Србија 32, Северна Македонија 25 проценти.

Според истражувањето, општините во државава варираат од неверојатно ниски два процента исполнување на индикаторите на отвореност, како што е Општина Ранковце, до највисоко рангираната Општина Струмица со 52 отсто.

Споредено со другите поткатегории, индексот на транспарентност е највисоко на скалата на исполнување. По индикаторите за транспарентност што подразбира дека организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки се јавно достапни и објавени, најтранспарентни се општините Демир Хисар (62 проценти), Струмица (55 проценти) и Кратово (47 отсто).

Во однос на тоа колку граѓаните се вклучени во креирање на општинските политики, таа вели дека анализирајќи ги општините преку принципот на пристапност, кој вклучува пристапност на информациите преку механизмот на јавни консултации и интеракција со граѓаните, општините исполнуваат скромни 19 проценти од индикаторите.

– Тоа е така поради тоа што голем дел општини не објавуваат планови, ниту повици, ниту извештаи од јавни консултации со засегнатите страни кои содржат писмени објаснувања за предлозите, кои се прифатени или отфрлени, вели Јосифовска Даниловска.

Таа смета дека иако исполнетоста на индикаторите во оваа поткатегорија е на највисоко ниво во однос на другите две поткатегории, сепак мнозинството општини не објавуваат фиксни саатници утврдени за претседателите на советите на општините во кои би оствариле консултации со граѓаните.

– Во однос на интеракција со граѓаните, иако исполнетоста на индикаторите во оваа поткатегорија е на највисоко ниво во однос на другите две поткатегории, сепак мнозинството општини не објавуваат фиксни саатници утврдени за претседателите на Советите на општините во кои би оствариле консултации со граѓаните. Со оглед на тоа дека вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување одлуки на локално ниво е суштински елемент на локалната демократија, неопходно е општините да овозможат за граѓаните навремено да ги добиваат соодветните информации, на начин кој е разбирлив за нив, со што ќе се им се даде простор на граѓаните да ги искажат своите потреби и да ги истакнат проблемите од локален интерес. Исто така, општините мора да ја подобрат комуникацијата со граѓаните преку социјалните мрежи, како и да објавуваат месечни информатори за граѓаните за работата на општините, смета Јосифовска Даниловска.

Според неа, медиумите можат да бидат моќна алатка за да се натераат властите да се однесуваат потранспарентно.

– Сите анализи покажуваат дека нивото на транспарентност на која било власт (централна или локална) е пропорционално на притисокот што го вршат медиумите. Колку поголем медиумски интерес или притисок, толку повеќе транспарентност кај власта. Ова значи дека медиумите можат да бидат моќна алатка за да се натераат властите да се однесуваат поодговорно и потранспарентно, посочи Јосифовска Даниловска.

Смета дека нивната улога е уште поголема во случаи кога има лоша или не постои регулатива за пристап до информации. Тогаш медиумите, како што вели, стануваат алатка на граѓаните за да дојдат до неопходните информации или до одлуките што ги донесуваат властите.

– Во нашиот (и не само нашиот) случај има одредени примери на целосно затворање на власта кон јавноста, вклучувајќи ги и медиумите, за да одбегнат непријатни прашања и одговори. Ова е особено случај во предизборниот период, но треба да се каже дека таквата практика никогаш не донела добивка на подолг рок – граѓаните, односно гласачите, добро препознаваат кога некој со нетранспарентноста сака да прикрие лошо работење, коруптивно однесување, злоупотреба на службената должност или дури и криминал, наведе Јосифовска Даниловска.

На 27 и 28 овој месец во Скопје ќе се одржи Конференцијата „Е-општество: отворени институции и одговорност“, која е завршен настан на четиригодишниот проект ACTION SEE (Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа) во кој седум организации од Западен Балкан и Обединетото Кралство ги соединија своите напори за промовирање и обезбедување одговорност и транспарентност на властите во регионот.

Јосифовска Даниловска појаснува дека се очекува на конференцијата да присуствуваат околу 150 претставници на институции од Западен Балкан, граѓанското општество и медиумски организации, како и поединци и експерти од регионот.

– Целта што сакаме да ја постигнеме е да ги собереме на едно место сите чинители за да разговараат за предизвиците и потребите што произлегуваат од (не)отвореноста на институциите кон граѓанинот и да оставиме простор за размена на добри практики и решенија во тој поглед. Отвореноста е клучна за враќањето на довербата на граѓаните и за отворање на патот кон доброто владеење, и таа води кон посилна демократија и подобрен квалитет на живот, вели Јосифовска Даниловска во разговор за МИА.