(Видео) Telegram, Viber, Whatsapp – каде завршува приватноста, а каде почнува злоупотребата во интернет просторот

„Јавна соба“, групата на телекомуникациската мрежа „Телеграм“ каде што беа споделувани порнографски фотографии од девојки од земјава, меѓу кои дел беа малолетни, меѓудругото ја отвори дебатата и за тоа колку се безбедни и сигурни социјалните мрежи и телекомуникациските апликации.

Со Горан Ризаов и со Филип Нешкоски од Фондацијата „Метаморфозис“, кои се занимаваат токму со делот на безбедноста и заштитата на приватноста во интернет-просторот, разговаравме за правилата на игра во овој сегмент – колку луѓето се заштитени кога во јавноста се споделуваат нивни содржини за кои не дале согласност, како родителите можат да ги заштитат своите малолетни деца кога станува збор за социјалните мрежи и апликации, кој стои зад овие големи компании кои за луѓето се бесплатни, но сепак во заднината стои профитот.

Facebook, Instagram, Telegram, Whatsapp, Signal, Viber, Snapchat… Постојат стотици мрежи и апликации за комуникација, а нашите соговорници дискутираат која како функционира, во чија сопственост е, и која според нив е најбезбедна.

Сепак, заклучукот е дека од едната страна ја имаме вештачката интелигенција, а од друга човечкиот фактор. Секако, одговорноста на крајот е сепак во рацете на луѓето – да пријават кога ќе забележат нерегуларности, да внимаваат што постираат и препраќаат на социјалните мрежи и преку апликациите, и да ја заштитат својата приватност, бидејќи сето она што еднаш ќе се пушти во оптек во сајбер-просторот, останува зачувано и понатаму може да биде злоупотребено.