„ЗОШТО Е ВАЖНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО РСМ? ДАНИЛОВСКА: ПРИДОБИВКИТЕ СЕ ОГРОМНИ…“ – KDPolitik.com
“Придобивките за граѓаните од користењето на електронски услуги, наместо да ги чекаат на шалтер, се бројни…” истакнува Јосифовска Даниловска.
Shkruan: Enis Shaqiri
Пишува: Енис Шаќири
Дигитализацијата и дигиталната трансформација во последните години се меѓу главните приоритети за Владата на Република Северна Македонија и единиците на локалната самоуправа. Според анализата на Фондацијата „Фридрих Нojmан“ и „Метаморфозис“ (Анализа на е-услугите во општините во Република Северна Македонија), огромното мнозинство корисници на овие услуги гледаат значителни придобивки од ваквиот начин на организирање и давање на услугите.
Анализата покажува дека барањата и очекувањата на граѓаните од единиците на локалната самоуправа во овој дел се важни и со приоритети.
Мила Јосифовска-Даниловска, менаџер на програми за Општествена одговорност и човекови права на интернет во Фондацијата Метаморфозис нагласува за КДП дека во денешно време дигиталната технологија е главната алатка за воспоставување мост меѓу институциите и граѓаните. Додека преку е-владеење, како што нагласува таа, се обезбедува транспарентност и ефикасност на јавната администрација, како и се зголемува отчетноста на институциите кон јавноста.
“Дигиталната технологија е една од најважните алатки за воспоставување мост меѓу институциите и граѓаните, како и за зголемување на ефикасноста на работењето на државните институции и нивната отчетност кон граѓаните. Преку е-владеење се обезбедува транспарентност на тој начин што би се зголемиле можностите/каналите на граѓаните за комуникација со институциите, би се подобрила ефикасноста на јавната администрација, би се зголемила одговорноста на институциите пред јавноста и, се разбира, преку интернет, на граѓаните би им се овозможило поголемо учество во политичките процеси. Зголемувањето на транспарентноста подразбира поефикасен пристап до информации за општата работа на јавната администрација, до стратегии, планови, буџети, а ова е особено важно затоа што суштински придонесува за спречување на корупцијата и зголемување на довербата во институциите„ – истакнува Јосифовска-Даниловска.
Дигиталната трансформација денес се наметнува пред се како потреба на граѓаните.
Овој процес на дигитализација гарантира транспарентност, инклузивност и отвореност, со што се исполнуваат предусловите за добро и ефикасно управување.
СПОРЕД ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА, „ВО ПРВИОТ КВАРТАЧ ОД 2022 ГОДИНА, 86.6% ОД ДОМАЌИНСТВАТА ИМАЛЕ ПРИСТАП ДО ИНТЕРНЕТ ОД ДОМА. ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ ОД 2022 ГОДИНА, ОД ОПШТО НАСЕЛЕНИЕ НА ВОЗРАСТ ОД 15 ДО 74 ГОДИНИ, 88.3% КОРИСТЕЛЕ ИНТЕРНЕТ, ДОДЕКА 73.9% КОРИСТЕЛЕ НЕКОЛКУ ПАТИ ВО ДЕНОТ.
Процесот на развој на е-владеење на централно и локално ниво во РСМ започна на крајот на 20 век, но најсериозната имплементација следеше по изготвувањето на Националната стратегија за развој на информатичко општеството и акциониот план на Република Македонија од 2005 година, како и развојот на партнерството со „Мајкрософт“, што резултираше со создавање на порталот www.uslugi.gov.mk
Според истражувањата, перформансот на услугите на е-владеење во РСМ е понизок од просекот на ЕУ постигнат во 2010 година. И тоа поради фактот што граѓаните често пати немаат доволно информации за е-услугите.
Инаку, од гледна точка на конкретните придобивки, Јосифовска-Даниловска вели дека граѓаните имаат корист од процесот на дигитализација, не-селективност во обезбедувањето на јавни услуги, избегнување чекање пред шалтери, поддршка за таканаречената зелена економија, како и избегнување на разни бирократски процеси. Додека дигиталната трансформација, според неа, во сите сфери и за сите општествени групи (без исклучок) е ефикасен механизам за подобрување на благосостојбата на граѓаните.
“Придобивките за граѓаните од користењето на електронските услуги наместо да чекаат на шалтер се многубројни – од заштеда на време и избегнување на разни бирократски процеси за кои граѓаните неминовно одат од шалтер на шалтер, до заштеди во нивниот внатрешен буџет, барем поради трошоците од одење од институција до институција, па се до заштита на нивното здравје итн. Во идеални услови, со добро воспоставена интероперабилност меѓу институциите како и со електронски услуги со највисок степен на софистицираност, граѓаните треба да потрошат неколку минути за да добијат одредена електронска услуга од институциите, наместо да чекаат со денови, а во некои случаи и со недели и месеци. Нудењето на електронски услуги значи поголема транспарентност на јавните процеси, како и помалку простор за корупција. Наместо граѓаните да одат по шалтери со службеници, и да бараат некој познат за да „ја завршат побрз работата“, тие ја добиваат електронската услуга преку систем кој е ист за сите и ја дава услугата автоматски“, вели Јосифовска-Даниловска.
Дигиталната трансформација им овозможува на локалните и централните власти да ги трансформираат своите работни модели, да создадат дигитална инфраструктура и да овозможат нови и поефикасни процеси, да генерираат поголема вредност и да ги олеснат новите дигитални производи и услуги, со т.н. е-услуги.
Е-услугите подразбираат повеќе отколку само активна веб-страница, тие подразбираат воведување на практични ИКТ решенија се кои се олеснува пристапот до услугите за граѓаните и нивниот секојдневен живот и што е најважно, откако овие решенија ќе бидат овозможени и интегрирани, потребна е одржливост во нивното управување и одржување.
Линк до оригиналниот напис: ЗОШТО Е ВАЖНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ВО РСМ? ДАНИЛОВСКА: ПРИДОБИВКИТЕ СЕ ОГРОМНИ…