На 19 јануари, 2011г., унгарското претседателство со ЕУ наиде на спротивставување и критики поради контроверзното законодавство за медиуми коешто Унгарија неодамна го воведе. Некои од европратениците прикажаа бели транспаренти на кои пишуваше „цензурирани“.
Виктор Орбан, унгарскиот премиер го започна својот говор наведувајќи дека унгарската влада е подготвена да го промени законодавството доколку Европската комисија утврди дека има неправилности, а законот во моментот се разгледува за да се утврди дали се коси со законите на ЕУ. Орбан додаде дека Унгарија ќе го почитува мислењето на ЕК доколку истото е објективно и инсистираше на тоа дека Унгарија треба да се третира како и секоја друга земја-членка на ЕУ. Тој исто така изјави дека треба да се направи разлика меѓу унгарското претседателство со ЕУ и внатрешните работи на Унгарија.
Според неколкумина европратеници законодавството треба целосно да се укине. Со новиот закон се предвидува формирање на Совет за медиуми за да се обезбеди „урамнотежено” известување и се бара од сите видови на медиуми да бидат регистрирани, вклучувајќи ги и онлајн медиумите како што се форумите и блоговите.
Миклош Харашти, поранешниот претставник на ОБСЕ за Слобода на медиумите, објасни дека всушност има пет меѓусебно поврзани законски акти воведени во Унгарија од јуни 2010 година донесени по брза постапка, на крајот на годината и без никакви консултации.
Според законодавството, сите медиуми (вклучувајќи ги и оние на интернет) се обврзани да обезбедуваат „комплетни, фактички, ажурирани, објективни и урамнотежени вести за локалните, националните и европските прашања кои можат да бидат од интерес за пошироката јавност и за секој настан што е од важност за граѓаните на Република Унгарија и унгарската нација“. Харашти вели дека обврската за регистрација на сите медиуми (вклучувајќи ги и печатените и медиумите на интернет) е забранета според Советот на Европа.
Новото унгарско законодавство предвидува високи казни, од 90.000 до 722.000 евра за прекршоци како што се обезбедување на содржини кои би можеле да и наштетат на која било заедница. Со цел да се потврдат прекршоците, Советот за медиуми може да пристапи до кои било податоци, вклучувајќи и законски заштитени информации. Одбивањето да се понудат потребните податоци може да резултира со казна до 180.000 евра за кој било медиум.
Законодавството со тоа ги става сите медиуми под контрола на една владина институција, а според Џудит Баер, вонреден професор по право за медиуми при колеџот Крал Сигизмунд во Будимпешта, законот е несомнено „сериозен напад врз слободата на печатот, и се коси со член 2 од Лисабонскиот договор, член 10 од Европската конвенција за човекови права и член 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права“.
На 21 јануари 2011 година, Европската комисија испрати писмо до унгарската влада, давајќи им две недели да одговорат на прашањата во врска со овој закон. Во случај на несоодветни одговори, Унгарија може да се соочи со судска постапка.
„Службите на Комисијата имаат сериозни сомнежи во однос на усогласеноста на унгарското законодавство со правото на Унијата“, пишува Заменик-претседателот на Европската комисија задолжен за дигиталната агенда, Нели Крос.
Во писмото, исто така, се спомнуваат одредбите од законот со кои и се овозможува на Унгарија да ги казни радиодифузерите што се наоѓаат надвор од земјата за она што се смета за говор на омраза, како и задолжителното регистрирање на сите медиуми, вклучувајќи ги и веб-сајтовите, што се чини дека не е во согласност со правилата на ЕУ.
- Orban meets barrage of MEP criticism over media law (19.01.2011)
- Hungary’s Media Law Package (16.01.2011)
- Hungary’s new law a threat to democracy (17.01.2011)
- EC to inform Hungary about concerns with media law this week (19.01.2011)
- EU gives Hungary two weeks to reply on media law (22.01.2011)
- EDRi-gram: New media law in Hungary allows Internet censorship (12.01.2011)