Скопје, 5 октомври (МИА) –  Македонија напредува во борбата со пиратеријата, но со 68 процентна стапка на фалсификат и пиратерија се уште е далеку од европскиот просек.

Без подигање на јавната свест и ефективни казни ќе продолжи да царува интернет пиратеријата во делот на музиката и филмот, кои се најизразени. Секојдневие ќе остане и изобилието од фалсификувана облека, храна, пијалоци.

Тоа се дел од пораките изнесени на меѓурегионалниот симпозиум за спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост, што почна денеска во Скопје.

Валентин Пепeљугоски, адвокат на БСА, оцени дека во Македонија пиратеријата веќе не се толерира заради купување социјален мир, но  претстои уште многу работа до европскиот просек каде стапката на пиратеријата и фалсификатот е под 50 проценти. 

– За разлика до пред некоја година  кога воопшто не се работеше на тој план  лани стапката на пиратство е намалена за пет до 10 проценти.  Тоа се големи резултати. Сепак има уште многу работа затоа што нема влез во ЕУ без стапка  на фалсификат и пиратство под 50 проценти, рече Пепељугоски.
Според застапеноста на фалсификатите  и пиратеријата, Македонија е зад Словенија и Хрватска, на исто ниво е со Бугарија, а е подобро  рангирана  од Србија. 

Во текот на 2008 и 2009 година, информира министерот за правда Миохајло Маневски, македонските судови спровеле  42  постапки поврзани со заштитата на правата од интелектуална сопственост. Притоа се изречени 22 глоби и 12 алтернативни казни. – Свесни сме дека често се прибегнува  кон повреда на правото на интелектуална сопственост, односно  кон кражба на авторското право, правото  на иновација и друг вид интелектуална сопственост. Токму поради тоа  секоја држава е должна во рамки на фунцкиите кои ги остварува да обезбедува заштита на интелектуалниот труд и на иновациите, порача  Маневски.

Министерот за економија Фатмир Бесими истакна дека почитувањето на правата од интелектуална сопственост е од исклучително значење имајќи го предвид фактот дека значаен дел од трговската размена почива на нивната заштита и оти економскиот раст и развој на државите директно зависи од нивното соодветно менаџирање.

Како дел од активностите за градење ефикасен систем на заштита на правата од интелектуална сопстевност неодамна е донесена национална стратегија,  како основа за идните активности за тоа поле и пред се поддршка на конкурентноста на фирмите.

На дводневниот меѓународен симпозиум учествуваат претставници од 31 земја. Органзиатори се Светската организација за интелектуална сопственост и македонскиот Државен завод за индустриска сопственост.

Извор: МИА „Интернет пиратеријата доминантна во Македонија“ 5 октомври, 2009.