Со новиот закон за телекомуникации нудењето на евтини меѓународни телефонски разговори преку таканаречен систем ВоИП, односно “пренос на глас преку интеренет” ќе стане легален бизнис…

Со новиот закон за телекомуникации нудењето на евтини меѓународни телефонски разговори преку таканаречен систем ВоИП, односно “пренос на глас преку интеренет” ќе стане легален бизнис. Ваквите услуги во Македонија досега се нудеа скришкум бидејќи воопшто не постоеше законска основа за таква услуга, а “Македонски телекомуникации” реагираше дека се коси со неговиот монопол. Од Министерството за телекомуникации велат дека по донесувањето на новата регулатива во текот на јануари следнава година, прво ќе треба да се формира ново регулаторно тело, кое ќе ја одобрува работата на заинтересираните ВоИП оператори.

Сепак, досега ВоИП услуги на македонскиот пазар се нудеа на диво, главно во интернет кафулиња, потоа пред неколку години во продажба се појавија и ваучери за разговор, а познато е и дека во телефонски говорници на “Македонски телекомуникации”, без дозвола од Телеком, имало поставено апаратчиња за таа намена.

Разликата во цените на меѓународните разговори преку фиксниот телекомуникациски оператор и преку ВоИП операторите во некои земји е драстична. На пример, во Бугарија за 10 минути разговор со Англија преку фиксната мрежа чини 2,96 евра (речиси 180 денари), но преку ВоИП истиот разговор е трипати поевтин – 1,07 евра (околу 62 денари). Разликата во цената е позабележлива кај 10 минутен разговор со САД, при што разговорот преку фиксниот телекомуникациски оператор чини 4,91 евро (околу 300 денари), преку ВоИП – 1,02 (околу 62 денари). Во други земји, како на пример Словенија конкуренцијата на пазарот придонела приближување на цените на фиксните оператори со ВоИП операторите. Десетте минути разговор од Словенија со Англија, преку фиксен оператор чини 1,80 евра (околу 110 денари), додека преку ВоИП – 1,03 евра (околу 62 денари). Ваквото приближување е најизразено во Чешка, каде цените за 10 минути разговор со Англија се изедначени на 2,85 евра (околу 170 денари).