Потребен електронски речник на македонски. Загриженоста на експертите е понагласена поради фактот дека промените на структурата на јазикот во сајбер-просторот се одвиваат многу брзо

        Со употребата на интернетот како информатичко средство за пренесување на информации, во македонскиот јазик навлегоа и голем број термини од информатиката. Се случува зборови кои имаат соодветен превод, да не се употребуваат, па така, за електронска пошта се употребува е-маил, за страница се користи сајт, за мрежа нет, а слично е и со  фајл, хардвер, софтвер, Интернет, Веб итн. Познавачите предупредуваат, дека интернетот е место каде што не постои јазична контрола, а на удар се писмото и правописот, граматиката, лексиката, синтаксата – всушност целата јазична структура во јазикот. Секојдневно се појавуваат се повеќе страници или сајтови на македонски јазик, каде што можат да се забележат и лекторирани и добро преведени текстови (многу ретко), но најголемиот број се нелекторирани и јазично нестандардизирани текстови.

        – Оваа состојба како да не изненади, па оттука и големиот број нови зборови, нови јазични форми и структури. Мешањето на јазиците (интерференцијата) е позната во науката за јазикот, но голема е разликата, пред се, во брзината и времето, кога се усвојувале таквите промени. Ако порано биле потребни неколку децении, па и векови, денес, во прашање се неколку години, па и месеци. Секојдневните технолошки иновации доведуваат и до нови јазични состојби, без разлика на кое рамниште, истакна Билјана Маленко, професор на Педагошкиот факултет во Скопје, на научниот собир на тема “Информатиката и лингвистиката”, што вчера се одржа во Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”, во рамките на Деновите на Благоја Корубин.

        Анализите укажуваат дека при употребата на компјутерот, надвладува англискиот јазик и латиничното писмо, иако постојат и други јазици и кирилично писмо. Не само што најголем број од информациите можеме да ги добиеме на англиски јазик, туку и информациите на македонски јазик најчесто се појавуваат на латиница.

        Се наметнуваат низа прашања и дилеми како да се задржи статусот на македонскиот јазик на интернет, како и употребата на неговата стандардизирана форма. Меѓу другите решенија што ги наведуваат стручните лица, е создавање на сеопфатен електронски речник на македонскиот јазик,  дигитализацијата како можност за заштита на јазикот. Исто така, при изработката на електронските страници да се ангажираат стручни лица.  Во заштитата на македонскиот јазик кој денес е подложен на опасно отстапување, е вклучена и Македонската православна црква со нејзиното влијание врз национално-културното опстојување. Издавачката дејност на МПЦ ја потврдува нејзината грижа за јазикот, преку лекторирани текстови, во кои многу ретко се регистрираат правописни и морфолошки отстапки.