Европската дигитална економија сè повеќе зајакнува, ширејќи се низ сите области на економијата и навлегувајќи во сите области на нашите животи, се вели во Извештајот за дигитална конкурентност на Европската комисија.
Половина од растот на продуктивноста во текот на изминатите 15 години се должи на информатичко-комуникациските технологии. Шест од десет Европејци редовно користат интернет. Сепак, доколку Европа сака целосно да ги искористи потенцијалните придобивки од дигиталната економија, мора да понуди побрз широкопојасен (бродбенд) интернет, и интернет на кој луѓето му веруваат, да ги подобри вештините на граѓаните, и да поттикне уште повеќе иновации во ИКТ. Европската комисија ќе предложи конкретни мерки во овие области со својата Дигитална агенда за Европа – примарната агенда во стратегијата Европа 2020, која наскоро ќе започне со реализација.
Комесарот за дигиталната агенда Нели Крос изјави: „дигиталната економија во Европа е од клучно значење за економскиот раст и просперитетот. ИКТ и брзиот интернет се исто толку револуционерни во нашите животи сега, како што пред еден век бил и развојот на електричните и транспортни мрежи. Но, нам ни е потребна поддршка за натамошен развој на интернетот, за да може сите граѓани да ја ползуваат дигиталната економија“.
Клучен двигател на економијата
Во Извештајот, ИКТ секторот е наведен како еден од клучните двигатели на европската економија. Од 1995 година, информатичко-комуникациските технологии се заслужни за половина од производствената добивка во ЕУ, благодарение на технолошкиот напредок и инвестициите во секторот. Податоците за 2004-2007 сугерираат дека оваа инвестиција неодамна почнала да резултира со добивки и во останатиот дел од економијата. Придонесот на ИКТ индустријата во европската економија е околу 600 милијарди евра (4.8% од БДП). На овој сектор му припаѓаат 25% од вкупните бизнис инвестиции за истражување и развој во ЕУ. Сепак, придобивките од ИКТ се поголеми во САД. На Европа и требаат структурни реформи и конзистентна дигитална агенда за остварување на слични резултати.
6 од 10 Европејци користат интернет
Низ цела Европа, околу 60% од населението редовно користи интернет, а 48% секојдневно. Ова се добри резултати во споредба со САД каде што 56% од жителите користат интернет секојдневно, а 65% користеле интернет во последните три месеци. Сепак, и во ЕУ (30%) и во САД (32%) околу една третина од населението никогаш нема користено интернет.
Постојат битни социо-економски и географски разлики. Особено старите лица, помалку образованите и оние со ниски приходи и пониско ниво на вештини помалку користат интернет. Подобрувањето на дигиталните вештини е клучно за градењето на европското дигитално општество. Повторно, ЕУ има добри резултати во споредба со САД, иако постарите лица во Америка повеќе користат интернет (46% од луѓето над 55 години во САД никогаш не користеле интернет, во споредба со 59% во ЕУ). За разлика од нив, разликите помеѓу разните социо-економски групи во Кореја и Јапонија не се толку изразени.
ЕУ е најголемиот светски пазар на широкопојасен интернет
Во 2009 година, пазарот на широкопојасен интернет во ЕУ беше повторно најголемиот во светот. Речиси една четвртина од граѓаните на ЕУ (24.8%) се претплатени на фиксен широкопојасен интернет. Иако брзините се зголемуваат и 80% од фиксните широкопојасни линии во ЕУ сега имаат брзини од над 2 Mbps, само 18% од нив се со брзина од над 10 Mbps. Иако овие брзини се доволни за основните веб апликации, тие не се доволни за понапредни апликации како телевизија „на барање“. Европа 2020 постави амбициозни цели за сите Европејци да имаат пристап до широкопојасен интернет од 30 Mbps или повеќе. Поголемите брзини ќе бараат преминување на мрежите за пристап од следната генерација (NGA). ЕУ значително заостанува зад земјите како Кореја и Јапонија во воведувањето на таквите мрежи. Миграцијата кон поголеми капацитети за широкопојасен интернет е важен структурален предизвик за целиот телекомуникациски сектор.
Единствен онлајн пазар
Освен што игра значајна улога за растот на европската економија, интернетот има огромен потенцијал за зајакнување на единствениот пазар. Сепак, нивото на е-трговија и е-бизнис варира кај земјите-членки, а прекуграничните трансакции се ограничени. Иако 54% од корисниците на интернет купуваат или продаваат добра преку интернет, само 22% од нив го прават тоа со други земји-членки на ЕУ. За разлика од ЕУ, е-трговијата е позастапена во САД – 75% од интернет корисниците купуваат или продаваат преку интернет. Ова покажува дека на Европа и недостасува вистински дигитален единствен пазар, што е од суштинско значење за стимулирање на растот на европските мали и средни претпријатија и за да им се обезбеди поголем избор на потрошувачите по конкурентни цени.
Целосeн текст на извештајот, поврзани студии и извештаи