Ирската Влада најави дека оваа недела ќе го објави законодавството за воспоставување на национална ДНК база на податоци.

Нацрт-законот доаѓа по Извештајот од 2005 година на Комисијата за реформи на Законот за основање на ДНК база на податоци, но беше одложен со пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот С и Марпер против Обединетото Кралство и оттогаш беше ревидиран според тој случај.

Со законодавството се предлага да и се дозволи на полицијата принудно да зема примероци (како на пример коса, плунка, исечоци од ноктите или крв) од оние кои се осомничени за сторено кривично дело за кое се издржува казна затвор од пет години или повеќе.  Мострите ќе се чуваат на неодредено време доколку осомничените се осудени; а доколку лицата се ослободени или пуштени без обвинение, нивните примероци сепак ќе бидат задржани за период од три години. Веќе се обезбедени 4.1 милиони евра за трошоците за воспоставување на базата на податоци во 2010 година.

Во 2007 година, ирската Комисија за човекови права го критикуваше претходниот нацрт-закон.  Сè додека законот не е објавен, ќе биде нејасно до кој степен ќе се осврне на овие проблеми.

Како одделен случај, има информација дека детска болница во Даблин без согласност држи ДНК податоци од речиси секое лице родено во Ирска од 1984 година.  Детската болница Темпл стрит земаше примероци од крв од секое новородено дете и ги користеше тие примероци за следење на болести. Меѓутоа, болницата не ги уништува тие примероци кога анализите ќе завршат, туку ги задржува примероците од поединецот на неодредено време. Во оваа база на податоци се чуваат околу 1.54 милиони примероци, во кои спаѓа поголемиот дел од Ирците на 25 години или помлади.  Болницата во моментов е под истрага од страна на Европскиот комесар за заштита на податоци кој може да нареди уништување на овие примероци.

Извор: ЕДРИ-грам “An Irish law for a DNA Database” бр. 8.1., 13 јануари, 2010.