Ирското претседателство со Советот на ЕУ дистрибуираше „документ за дискусија“ за заштита на личните податоци на граѓаните во пресрет на Советот за внатрешни работи и правда оваа недела во Даблин.
Како прво претседателство во оваа „Европска година на граѓанинот“, имавме причина да очекуваме дека Ирците ќе воведат нови начини за заштита на граѓаните. Нивните први предлози дефинитивно претставуваат новина, но сигурно не во заштитата на фундаменталните права на граѓаните.
На пример, врз основа на моменталната ситуација во Ирска, идејата е дека сите компании можат да прават што сакаат со личните податоци, без страв дека ќе бидат казнети. Санкциите, како што се паричните казни, „треба да бидат изборни или во најмала рака условни по претходно предупредување или укор“. Со други зборови, правете што сакате, најлошото што може да се случи е да добиете предупредување.
Се разбира, често се предлагаат политики кои изгледаат полошо во теорија отколку во пракса. Сепак, во овој случај треба само да ја погледнеме тековната пракса во Ирска за да видиме како всушност изгледа таквиот пристап. Приказната со базата на податоци на ирската полиција “ПУЛС” дава морничав увид во храбриот нов свет во кој Ирското претседателство очигледно сака да не одведе.
Во 2007 г., ирскиот комесар за заштита на податоци договори структура за „само-регулирање“ со полицијата. Во 2010 г., во извештајот на еден судија за процена на ирскиот режим за задржување податоци се идентификуваа сериозни злоупотреби во рамките на овој „ублажен“ регулаторен систем. Злоупотребите очигледно поминаа незабележано од страна на органот за заштита на податоци со огромен недостиг на ресурси, кој го имаше одобрено воведувањето на “саморегулаторниот” режим. Органот ја искористи можноста да не спроведе итна постапка против полицијата.
Во 2011 година, цели четири години по воспоставувањето на системот, ирскиот орган за заштита на податоци конечно дојде до заклучок дека системот „не ги исполнува очекуваните стандарди“. Повторно, ирскиот орган за заштита на податоци избра да не спроведе постапка против полицијата. Конечно, по пет години очигледно непрекината злоупотреба на податоци на граѓаните, органот за заштита на податоци во 2012 година објави дека ќе изврши ревизија на базата на податоци на ПУЛС, а од она што може да се заклучи, повторно избра да не преземе мерки против сегашните прекршувања на фундаменталните права на граѓаните. Во меѓувреме, можеме само да претпоставиме дека злоупотребите продолжуваат со истото темпо.
Според ирскиот предлог, овој пристап ќе стане задолжителен, односно прво ќе мора да се издаваат предупредувања откако ќе се изврши злоупотреба на фундаменталните права на граѓаните, давајќи им на компаниите и државните органи „одврзани раце“ да ги прекршуваат нашите права сè додека органот за заштита на податоци два пати да утврди дека компанијата го прекршила законот.
Ако воведувањето на тековните ирски стратегии на ниво на целата Европска унија кои се несоодветни за намената не е доволно лошо, реалноста е малку полоша. Во моментов, компаниите се обврзани да ја евидентираат обработката на податоци кај органот за заштита на податоците, со што органот барем се информира за обработката што се одвива. Според новиот Правилник кој е предложен, тие обврски за евидентирање би биле значително ублажени, што има смисла во првично предложениот контекст на Комисијата. Во овој контекст, сепак тоа би значело овозможување уште помалку алатки за изоставените органи за заштита на податоци. „Трката до дното“ би била заменета со синхронизирано потонување.
Две недели откако започна Европската година на граѓанинот и две недели од почетокот на мандатот, програмата на Ирското претседателство со Европската унија почнува да изгледа како една лоша пародија:
„Зголемената употреба на интернетот, друштвените медиуми, глобализацијата на преносите на податоци и другите технолошки достигнувања го направија животот полесен за милиони, но, исто така го зголемуваат собирањето, користењето и обработката на лични податоци на глобално ниво. Лисабонскиот договор содржи нова законска основа за правилата на ЕУ за заштита на податоците, а Повелбата за фундаментални права исто така ја опфаќа заштитата на личните податоци како основно право. Како дел од фокусот на Дигиталната агенда, претседателството ќе работи во насока на постигнување договор во Советот околу клучните аспекти на пакетот за заштита на податоци. Ова има за цел да осигури дека граѓаните ќе имаат поголема контрола врз сопствените лични податоци. Напредокот што претседателството ќе го оствари во оваа област ќе ја зајакне довербата во дигиталната економија и ќе го поддржи растот на Единствениот дигитален пазар“.



