Огмундур Јонасон, исландскиот министер за внатрешни работи има намера да поддржи „анти-штит“т.е. интернет филтри против порнографијата на интернет, за да се спречи пристапот на интернет-корисниците до одредени веб-локации.
Иако Јонасон досега промовираше прогресивно законодавство, тој сега се обидува да воведе закон за спречување на пристапот на младите луѓе до порнографски слики и видеа на интернет преку компјутери, конзоли за игри и паметни телефони, законодавство кое би нанело голема штета на слободата на изразување и говорот.
Исланд веќе има закон со кој се забранува печатење и дистрибуција на порнографија кој сè уште не е ажуриран за да го опфати и интернетот. Меѓу методите кои се земени предвид се блокирање на пристапот до порнографски интернет-адреси и прогласувањето за незаконско на користењето исландски кредитни картички за пристап до порнографија по принципот „плати за да гледаш“.
Предлог-законот поддржан од Јонасон веќе предизвика сомнежи и многу компании сериозно размислуваат дали да го остават своето седиште во Исланд затоа што стравуваат дека законите во земјата можат да резултираат со систем на целосна цензура. Законот ќе го стави Исланд на исто рамниште со Иран или Кина во однос на цензурата.
„За современата електронска трговија е потребна криптографија, а криптографијата исклучува централизирана цензура, па дури и на штетни материјали. Начинот за справување со родовата нееднаквост и сексуалната експлоатација е да се зголеми јавната свест и да се поттикне отворена дискусија, а не да се задуши токот на информации и да се прекршува приватноста во телекомуникациите“ изјави Смари Мекарти, извршен директор на Исландската иницијатива за современи медиуми.
За среќа, се чини дека собранието на Исланд нема да го усвои законот, а собраниската комисија којашто има задача да расправа за предлог-законот бара алтернативни начини да им помогне на родителите да ги заштитат своите деца од порнографијата на интернет, главно преку бесплатен софтвер за филтрирање порнографски содржини и преку образовни средства.
Извор: ЕДРИ-грам „Iceland Ministry of Interior wants to filter the Internet“ бр. 11.4, 27 февруари, 2013.



