Корисниците на двете мобилни телефонски мрежи испратиле еден милион и 700.000 СМС-пораки со честитки на преминот од старата во Новата година
Корисниците на двете мобилни телефонски мрежи испратиле еден милион и 700.000 СМС-пораки со честитки на преминот од старата во Новата година. Речиси 900.000 корисници на „Мобимак“, според податоците добиени од мобилниот оператор, испратиле 1,2 милион СМС-пораки во периодот од 19 часот на 31 декември до 12 часот на првиот ден од новата година. Според неофицијалните податоци, околу 400.000 корисници на „Космофон“ испратиле повеќе од 500.000 пораки во периодот од предновогодишните часови до 19 часот на 1 јануари.

Во „Мобимак“ велат дека за време на новогодишниот шпиц немало поголеми проблеми во мобилниот телефонски сообраќај во нивната мрежа.

– За новогодишната ноќ, мрежата на „Мобимак“ функционираше стабилно, со максимално искористување на сите мрежни ресурси. Како и секоја година, сообраќајот беше енормно зголемен што резултираше со минимум отежнато избирање и испраќање на СМС-пораки. Тоа е резултат на стопроцентно искористување на мрежните ресурси – велат во „Мобимак“.

По слободна пресметка, граѓаните за испраќање новогодишни честитки по мобилен телефон потрошиле околу 10 милиони денари или 160.000 евра. Цената на една порака е 5 денари, плус 18 ДДВ.

М.Б.
Извор: Дневник