Osepa – проектот за слободен софтвер во јавните администрации делумно финансиран од Европскиот фонд за регионален развој ја повикува јавната администрација да помогне во неговото истражување.

„Резултатите од ова истражување ќе му помогнат на конзорциумот Osepa да ги разбере клучните фактори во врска со користењето на слободниот софтвер и ќе влијае на употребата на слободниот софтвер од страна на јавната администрација“.

Истражувањето беше објавено пред една недела и ќе трае до 2 декември, 2011г. „Се надеваме дека 1.257-те испитаници ќе го пополнат прашалникот. По една недела веќе собравме 93“ вели портпаролот на Osepa.

Овој конзорциум составен од јавни администрации во единаесет земји-членки, центри за ИТ иновации и Универзитетот во Шефилд, вели дека има за цел „да спроведе систематска дебата меѓу европските јавни администрации поткрепена со анализа и размена на искуства околу слободниот софтвер“.

Резултатите од истражувањето ќе се објават кон крајот на март следната година на конференција во градот Џихлава во Чешката Република. „Ние, исто така, ќе ги објавиме резултатите на нашиот веб-сајт и ќе ги испратиме до голем број општини, програмери на слободен софтвер и експерти“ додава портпаролот.

Со истражувањето се опфатени дваесетина земји: оние од самите партнери во конзорциумот и некои од соседните земји. „Ние би сакале да се соберат податоци и од други земји, но тоа не е предвидено со нашиот буџет“.

Истражувањето е наменето за политичари, директори, раководители на ИТ сектори, високи државни службеници и ИТ менаџери и ИТ персонал.

Извор: ЕДРИ-грам „EU: Survey on open source in public administrations in the EU“ 31 октомври, 2011.