По реакцијата на неколку активисти за граѓански слободи, меѓу кои и Репортери без граници, Италијанската телекомуникациска агенција AGCOM одлучи да ги преиспита своите планови за донесување резолуција со која агенцијата добива овластување без судска постапка да блокира веб-сајтови и да отстранува содржини на интернет со кои наводно се прекршуваат авторски права.
Меѓутоа, ризикот е сè уште присутен поради прописите за кои сега се води јавна дебата. Ревидираната нацрт-верзијата на прописите за „заштита на авторските права на електронските комуникациски мрежи“ објавена на 6 јули, 2011г., се чини дека сè уште им оди во прилог на уредниците на весниците, но и на филмската и телевизиската индустрија, утврдувајќи правила што важат за големите комуникациски посредници.
Нацрт-верзијата предвидува фаза на „известување и отстранување“ во која сопствениците на веб-сајтовите може да ги отстранат содржините со кои се смета дека се кршат авторски права во рок од четири дена откако ќе бидат известени за наводното прекршување. Во случај фазата на известување и отстранување да не се смета за задоволителна од страна на сопственикот на авторските права или веб-сајтот, тие можат да поднесат жалба до агенцијата која „по јасната и транспарентна фаза на вкрстено испрашување, ќе издаде – во рок од 10 дена (со можност за продолжување од дополнителни 15 дена) – наредба за селективно отстранување на нелегални содржини или, соодветно, за нивно враќање, во зависност од барањата“.
Новите правила сè уште обезбедуваат дека по приемот на пријава за наводно кршење на авторските права, Агенцијата ќе отвори постапка и ќе испрати покани до „операторот на веб-сајтот или провајдерот на содржини“ да се бранат со одговор што треба да се испрати по препорачана пошта во рок од 48 часа. По таа фаза, надлежниот Директорат на агенцијата може да му нареди на операторот на веб-сајтот и/или провајдерот на аудио-визуелни содржини да ја отстрани содржината (без оглед на тоа дали е хостирана во Италија или странство, како што објаснува Punto Informatico).
Ако некој сопственик на веб-сајт не се придржува до мерките на агенцијата, истата може да изрече казна до 250.000 евра за неотстранување на содржината со која наводно се кршат авторски права.
Извор: ЕДРИ-грам „Internet blocking stopped in Italy (for now)“ 13 јули, 2011.



