Италијанските детски болници штедат со помош на „Проектот за паметна инклузивност“ користејќи технологија на слободен софтвер и нудејќи пристап до на пр. медицински податоци и апликации за е-учење.

Според изјавата од Министерството за јавна администрација и иновација, болниците можат да заштедат околу 1000 евра по компјутер и 500 евра по тин клиент.

Проектот го користи оперативниот систем Линукс базиран на софтвер со отворен код.

Италијанскиот министер за иновација, Ренато Брунета, го инаугурираше проектот за паметна инклузија на почетокот од минатиот месец во едно од одделенијата на болницата Мејер во Фиренца. Системот исто така го користат здравствените установи Policlinico Sant’Orsola во Болоња, Ospedale Bambino Gesù во Рим и Azienda Ospedaliera во Падова.

Уште осум италијански болници ќе мигрираат кон платформата со слободен софтвер пред крајот на годинава, меѓу кои и Ospedale Pediatrico Istituto G. Gaslini во Џенова, и Ospedale Infantile Regina Margherita во Торино.

Системот е развиен со поддршка на Министерството за јавна администрација и иновација и регионот Тоскана.

Намената на системот е да им олесни на децата во болниците да останат поврзани со училиштето и домот. „Системот исто така им овозможува на здравствените работници да користат напредни алатки во лекувањето на нивните млади пациенти“, се вели во соопштението на Телеком Италија, една од компаниите вклучени во проектот.

На пример, во рамки на проектот се користат видеотерминали чувствителни на допир, со што на децата пациенти им се дава можност да комуницираат со соучениците и да „присуствуваат“ на часовите, кога тие видеотерминали се поврзани со слична работна станица или дигитални школски табли инсталирани во нивното училиште. На компјутерите исто така има пристап до телевизија, игри и апликации за видео конференции.

Извор: OSOR.eu “IT: Children hospitals saving money by using open source” 21 април, 2010.