Италијанскиот сенат го одобри – а Camera dei deputati (Италијанскиот „Долен дом“) е подготвен конечно да го усвои нацрт-законот 733 со назив „Безбедносен пакет“, составен од повеќе координирани одредби со цел да се подобрат, што и да значи тоа, овластувањата на полициските органи и јавниот обвинител.
Секако, законот немаше да биде целосен доколку не се „погрижеше“ за интернетот, а законодавците не ја испуштија таа можност. Под отсекот 50 од овој претстоен закон, јавниот обвинител кому му се дадени „сериозни индиректни докази“ дека било извршено дело со кое се поттикнува криминал на интернет, може да побара од министерот за внатрешни работи да им нареди на интернет провајдерите да го затворат „засегнатиот“ мрежен ресурс. Доколку интернет провајдерот не ја почитува наредбата на министерот ќе добие казна од 250.000 евра.
Одредбата има јасни недостатоци од уставна гледна точка. Основата на секоја западна демократија е, всушност, поделбата на моќта, така што не е законски возможно да се има таква вкрстена јурисдикција помеѓу јавниот обвинител (судската власт) и министерството (извршната власт). Понатаму, тоа би било причина за две судења, од кои едното (на министерството за внатрешни работи) би било спроведено без законска гаранција за судење за кривично дело (фер процес, итн.).
Но ова е само ситница. Тешко е справувањето со кривичните дела со кои се поттикнува криминал, бидејќи границата помеѓу слободата на говорот и прекршувањето на законот е често нејасна (дали еден вебсајт што поддржува бунтовник за слобода, со самото тоа би поттикнувал вршење на криминални активности?). Понатаму, дали доколку интернет провајдерите мора да спречат пристап до мрежен ресурс надвор од нивната мрежа (на пр., во странство) тоа би значело дека резултатот треба да се постигне преку темелна инспекција на пакетите сообраќај, или слични техники што ја загрозуваат приватноста. Така, под изговорот „заштита“ на италијанските граѓани – амандманот D’Alia (именувано по парламентарецот кој го предложи) веројатно ќе биде првиот чекор кон глобален систем за цензура. Амандманот Cassinelli (повторно, според името на авторот) кој следуваше по D’Alia, се обидува да ги заобиколи горенаведените проблеми, но без вистински промени во суштината на материјата и политичкиот, интернет-фобичен пристап.
Италија имаше цврста традиција со обидите да се воведат системи за глобален надзор на граѓаните преку интернет провајдерите и телефонските оператори, користејќи секаков вид на оправдувања (авторски права, детска порнографија, коцкање преку интернет, а сега и активности за поттикнување на криминал). Сепак, чудно е што од овие „добри намери“ секогаш подебелиот крај го извлекуваа невини граѓани, додека вистинските криминалци остануваа на слобода. Или, да бидеме појасни: за да (можеби) се фатат неколку криминалци, користење на целата национална мрежа ќе биде предмет на систематска инспекција од „трети страни“ – имено, интернет провајдери. Збогум, човекови права.
Извор: ЕДРИ-грам “Italy to enforce a global censorship legislation?“ бр. 7.4, 25 февруари, 2009.



