Една група на италијански блогери и новинари подготвија жалба како поддршка на кампањата против предлог-законот со кој ќе се воведат нови бариери за слободата на изразување на интернет.
Нацрт-законот, наречен Закон за прислушување, за којшто се расправаше во италијанскиот парламент на 29 јули, 2010 г., предизвика загриженост кај судиите и новинарите.
Тековната жалба се однесува на член 1, став 29 од законот со кој се проширува обврската за исправки, овој пат не само на печатот туку и на сите онлајн издавачи, вклучувајќи ги и блогерите. Според конкретниот став, „лицата одговорни за веб-сајтовите за информирање“ ќе треба да поставуваат исправки во рок од 48 часа од секоја жалба во врска со содржини на веб-сајтот (без разлика дали се работи за блог, мислење, коментар или едноставна информација), во истата форма во која оспорената содржина била првобитно поставена на интернет. Во случај на непочитување, авторите може да се соочат со казни до 25.000 евра.
Ставот беше изменет и дополнет од пратениците Роберто Касињели и Роберто Закарија кои се обидоа да го ублажат првобитниот текст, предложувајќи подолг период за објавување на исправката и 10 пати пониска казна. Една од промените воведени со измените и дополнувањата беше и поништувањето на обврската за исправка за оние веб-сајтови кои имаат ограничен број на посетители. За жал, на 21 јули 2010, измените и дополнувањата беа прогласени за неприфатливи, од процедурална гледна точка, и одбиени без оправдување од Џулија Бонџорно, претседател на Собраниската комисија за правда.
Покрај ограничувањето на слободата на изразување, принудувањето на блогерите да прават исправки во рок од 48 часа ќе доведе до затворање на многу од блоговите бидејќи тоа ќе биде речиси невозможна задача. Тоа имплицира дека еден блогер мора да се регистрира со место на живеење кај некој орган, соочувајќи се со истите бирократски формалности како и печатот и дека тој (таа) ќе мора да се поврзува на интернет секој ден, со цел да проверува дали има барање за исправка, и доколку има, истата да ја изврши навремено. Со тоа дефинитивно ќе се обесхрабрат блогерите кои ќе се двоумат да пишуваат за економски или политички прашања, што би можело да им пречи на одредени личности.
Италијанските интернет корисници и блогери се одлучни да ги интензивираат протестите против законот, во обид да влијаат врз италијанскиот парламент и неговата одлука.
„Не смееме да дозволиме предлог-законот да биде усвоен во сегашната форма. Ние бараме целосна и отворена парламентарна дебата за член 1, став 29 од предлог-законот, вклучувајќи и разгледување на горенаведените измени и дополнувања. Пристапот до интернет ќе стане основно човеково право во стотици земји низ целиот свет. Ние не можеме да ги присилиме граѓаните да се откажат од тоа право овде, во нашата земја,“ се вели во жалбата.
Извор: ЕДРИ-грам “Italy: New draft law endangers bloggers’ freedom of expression”



