Италијанските поборници за слободен софтвер меѓу кои и Групата корисници на слободен софтвер (PDP FSUG) го распространуваат „DossierScuola – бесплатно учење“, документ за употребата на слободен софтвер во државното образование (достапен само на италијански јазик).
DossierScuola се состои од компендиум од информации – од предностите на слободниот софтвер, до усвојувањето на предлозите, најдобрите практики и успешните приказни во државното образование. Наведен е список со лица за контакт за училиштата подготвени да ги следат таквите примери или да стапат во контакт со оние што веќе се определиле за решенија базирани на слободен софтвер. Исто така, ентузијастите за слободен софтвер може да го искористат материјалот од Dossier за да ја подигнат свеста кај училиштата.
Благодарение на финансирањето од Италијанската Линукс заедница беа отпечатени 10.000 примероци од крајот на февруари 2011 година досега и хартиената верзија на документот во моментов се дистрибуира во училиштата низ целата земја. Примероците ќе се испратат до сите локални групи на корисници на слободен софтвер заинтересирани за учество, за да можат да го пренесат документот до државните образовни институции во земјата.
Проектот DossierScuola го промовира италијанската Линукс заедница и е резултат на значителен придонес на доброволците од заедницата за слободен софтвер, вклучувајќи ги и членовите на PDP FSUG и проектот BeFair, и е изграден по пат на соработка преку wiki – завршената работа може да се провери и документот може да се преземе во PDF формат на http://www.dossierscuola.it/PaginaIniziale.
Поради просторната ограниченост, хартиената верзија содржи само еден дел од софтверот, искуствата и проектите. За разлика од хартиената, онлајн верзијата достапна на вики страницата е завршена и редовно ќе се ажурира. Сите заинтересирани страни можат да придонесат (ентузијасти, професори и студенти) со своите коментари и искуства.
Покрај тоа, неодамна стартуваше новиот веб-сајт http://www.dossierscuola.it/ со цел да обезбеди блог за соопштување новости во рамки на проектот и за регистрација на граѓаните што сакаат да бидат информирани и вклучени.
Извор: ЕДРИ-грам „IT: DossierScuola – Promoting the use of free software in public education” 13 мај, 2011.



