Регионалната администрација на италијанскиот остров Сицилија ќе разгледа закон со кој се поттикнува јавната администрација да користи слободен софтвер.

Предлогот на Масимо Ферара, член на Демократската партија, исто така може да помогне да се спречи затворањето на едно училиште на островот – Институтот Маџорана, вклучен во креирање видеа со насоки за овој вид софтвер.

Ферара го презентираше својот предлог-закон „Закон за слободен софтвер во Сицилија“ на почетокот на минатиот месец.

Според една статија за иницијативата објавена на веб-сајт со локални вести, предлог-законот има за цел „да го премости дигиталниот јаз и да го промовира користењето на слободен софтвер во јавната администрација. Веб-сајтот го цитира демократот кој објаснува како законот има за цел да се спротивстави на монополите и да помогне во намалувањето на трошоците за јавната администрација. Исто така има за цел да го зголеми пристапот на граѓаните до владините податоци.

Предлогот е сличен на Законот донесен пред речиси една година во италијанскиот регион Пуља, со кој користењето на слободен софтвер и отворени стандарди станува задолжително за јавната администрација.

Едно училиште во градот Гела, на јужниот брег на Сицилија (Институтот Маџорана) се надева дека законот ќе помогне да се спречи неговото затворање. Во спротивно, училиштето со 633 ученици ќе се подели на два дела, а голем дел од учениците ќе преминат во училиште со 433 ученици во истата област.

Италија неодамна одлучи да ги затвори сите училишта со помалку од 600 ученици. Мерката е дел од владините мерки за штедење со цел да се намали јавниот долг на земјата кој изнесува 1,9 трилиони евра.

Наставниците од училиштето Маџорана пред две недели започнаа кампања за спасување на нивното училиште. Тие се надеваат дека, меѓу другото, ќе можат да продолжат да го промовираат користењето на слободниот софтвер во образованието. „Маџорана прави многу напори за ширење на слободниот софтвер“, објаснува еден од професорите, Антонио Кантаро на веб-сајтот на училиштето, истовремено прашувајќи се дали тоа е на некој начин поврзано со одлуката за затворање на училиштето.

Извор: OSOR.eu „IT: Sicily to consider law promoting the use of open source“ 29 ноември, 2011.