Италијанскиот парламент во август одобри измена и дополнување на Законикот за дигитална администрација, со што слободниот софтвер стана стандардната опција за јавната администрација која бара нови софтверски решенија. Нацрт-текстот беше поднесен во декември од страна на привремената влада на Италија.

Објавувањето на одредбата значи дека почнувајќи од 12-ти август годинава, јавните администрации на Италија кои бараат нови софтверски решенија може да одлучат да развијат нивно сопствено софтверско решение, повторно да употребат постојно решение кое претходно било интерно развиено, да користат слободен софтвер или да направат комбинација од овие три опции. Купувањето лиценци за комерцијален софтвер е дозволено само кога техничката анализа ќе покаже дека е невозможно јавната институција да применува слободен софтвер или повторно да користи постојно решение.

Првиот предлози за слободниот софтвер да стане стандарден беа доставени во декември до Домот на пратениците, еден од двата дела на Парламентот на Италија. Сенатот направи неколку мали измени во јуни. Најновата верзија на Законикот за дигитална администрација беше прифатена од италијанскиот парламент на 7-ми август.

„Слободниот софтвер е стратешка алатка која може да придонесе за развојот на земјата и за одржливи иновации“, коментира италијанскиот адвокат за ИКТ Симон Алипранди. Тој исто така очекува дека тоа ќе помогне да се намали јавната потрошувачка.

На друштвената мрежа на Google, адвокатот за ИКТ, Карло Пијана забележува дека законот не го дефинира слободниот софтвер. „Не би ми се допаднала идејата да се бара дефиниција, бидејќи тоа е добро разбран термин во оваа област, а сигурно Иницијативата за слободен софтвер и Фондацијата слободен софтвер добро си ја завршиле работата околу неговото создавање“.

Извор: Joinup.eu “Law makes open source the default for Italian public administrations” 17 септември, 2012.