Италијанската полиција за компјутерски криминал, Guardia di Finanza Agropoli, неодамна го блокираше пристапот до именските опслужувачи за домени на веб-сајтови кои нудат линкови до содржини индексирани на мрежите BitTorrent, cyberlockers и eDonkey.
Пет од блокираните веб-сајтови припаѓаат на мрежата Italianshare.net и наводно објавувале врски до филмови, игри или музика пред нивното пуштање во продажба. Уште две веб-сајта кои немаат никаква врска со таа мрежа се исто така блокирани.
Според Guardia di Finanza, сајтовите имале сметки за рекламирање и донации преку PayPal што било причина полицијата да ги испита за комерцијално пиратство и даночно затајување. Неколку анти-пиратски групи во тековната истрага поднесоа жалби против сопствениците на веб-сајтовите, што резултираше со запленување на нивната компјутерска опрема.
Но и два „невини“ веб-сајта, italianstylewebsite.net и freeplayclub.org беа жртви на оваа акција поврзана со веб-сајтовите под истрага, очигледно по грешка. Сопствениците на двата веб-сајта реагираа наведувајќи дека нивните сајтови биле легални, а нивната единствена врска со Italianshare.net била размена на банери. Нивните сајтови хостирале само легални врски до софтвер за бесплатно преземање или компјутерски игри.
Исто така, двајцата сопственици изјавија дека претходно не добиле предупредување од властите и дека првично мислеле дека имаат проблеми со нивните именски опслужувачи за домени. Бидејќи не добиле официјално известување, тие дури и не знаеле до кого да се обратат со цел да ја докажат законитоста на нивните веб-сајтови.
Фулвио Сарзана, адвокатот на сопственикот на мрежата Italianshare.net изјави дека по првата анализа, тој смета дека очигледно имало неправилности во процедурата за превентивна заплена.
Според Sarzana, мерките преземени од страна на полицијата се некомпатибилни со слободниот проток на информации на интернет, како и со слободното изразување на мислата на форумите на интернет. „Принципот од кој мора да тргнеме е дека секоја незаконитост треба да се потисне а не да се поттикнува, но се разбира кога сте сигурни и без предрасуди и однапред утврдени претстави во врска со навигацијата на P2P сервисите која се користела за нелегални активности, а кога инструментите што се користат за превентивно сузбивање не се во позиција да им наштетат на уставните вредности или права на трети страни“.
Адвокатот предупреди во врска со фактот дека ако може такво превентивно запленување да се користи „без контрола на алтернативните начини за потиснување на нелегална содржина“, овој инструмент, исто така, може да се користи и во случаи на клевета преку медиумите или блоговите. „Со многу силно влијание врз слободата на информирање на интернет“.



