Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони неодамна изрази несогласување со решението „три предупредувања пред исклучување“ за лицата што споделуваат датотеки преку интернет и призна дека тој исто така бесплатно преземал музика од интернет. Министерот веќе даде слична изјава во 2006 година.
Марони, кој и самиот е музичар, призна за списанието „Панорама“ дека тоа го правел како „провокација, затоа што смета дека францускиот начин за прекинување на интернет конекцијата на оние што нелегално преземаат музика не е решение. Решението е да се направи веб-сајт од кој младите ќе можат да преземаат музика за која авторските права се гарантирани од страна на еден или повеќе спонзори“.
Министерот смета дека францускиот систем со три предупредувања пред исклучување е непропорционална мерка којашто не функционира. Според него, откако законот HADOPI беше усвоен во Франција, стапката на нелегално преземање е всушност зголемена. Тој смета дека бесплатното преземање на музика не е криминал и дека тоа треба да им биде овозможено на луѓето. Тој цврсто стои на ставот дека добивањето на музика на овој начин не е исто што и крадењето од супермаркет, како што сугерира музичката индустрија. Луѓето всушност земаат копија од она што некој друг го поставил на мрежата.
„Тоа е како сопственикот на компјутерот од каде што ќе ја земам музиката да направил копија од компакт дискот што го купил и ми ја дал мене, нешто што вообичаено се случува кога купуваме CD и правиме копии за своите пријатели“, изјави министерот.
Очигледно, FIMI, италијанската филијала на ИФПИ (Меѓународната федерација на фонографската индустрија), реагираше на изјавите на Марони: „Ако неколку милиони песни легално се преземат бесплатно, има над една милијарда кликнувања на бесплатни видеа на YouTube поставени од претставници на италијанските уметници, и повеќе од 90% од индивидуалните датотеки се продаваат за помалку од едно евро на десетици платформи, тогаш министерот треба да размисли за ризикот по работните места и загубата на приходи за државата поради дигиталната пиратерија“, се вели во соопштението на FIMI.
Ставот на Марони следуваше по неодамна објавениот документ на AGCOM, Италијанскиот регулаторен орган за комуникации, кој јасно покажува дека со нелегалното преземање не се предизвикува економската штета како што ја претставуваше музичката индустрија. Покрај тоа, документот покажува дека политичката репресија и надзор се противуставни, непотребни и штетни. Органот сугерира дека треба да има рамнотежа помеѓу обесштетувањето на авторите и правото на луѓето на култура и знаење и се залага за проширено колективно лиценцирање.
AGCOM нуди некои решенија и смета дека треба да се започне дијалог со пазарот со цел да се промовира културата на пристап до легални дигитални содржини, да се најдат бизнис модели кои ќе обезбедат фер надомест за сите играчи во индустријата, како и пристап до што повеќе содржини за корисниците. Треба да се најдат соодветни мерки за спречување и борба против нелегалните дејства. Мерките кои во моментот се применуваат се неконзистентни со законот поврзан со приватноста, правото на пристап до интернет и принципот на неутралност на интернетот.
Извор: ЕДРИ-грам „Italian minister in favour of file-sharing“ бр. 8.8, 21 април, 2010.



