Советот на италијанскиот регион Пуља едногласно го усвои законот со кој се поттикнува употребата на слободен софтвер од страна на јавната администрација и истата да ги направи своите податоци јавно достапни. Тоа е првиот закон кој ги комбинира слободниот софтвер и отворените податоци, известува Leggi Oggi, италијански веб-сајт за новини од законодавството.

Во публикацијата се цитира членот на советот Никола Фратојани, кој вели дека „законот е за основното право на граѓаните да видат што стои зад софтверската апликација. Да видат како функционира, да ги знаат податоците и активностите на јавната администрација“.

Со законот на граѓаните им се дава пристап до сите информации и услуги обезбедени по електронски пат од страна на државните органи. Новинскиот сајт пишува дека Законот промовира плурализам и на граѓаните им гарантира слобода и пристап до компјутеризираната јавна администрација. Законот помага и да се урнат бариерите поставени од софтверските апликации кои не користат отворени стандарди.

Со Законот, на јавните администрации им се наложува да ги споделуваат како слободен софтвер со отворен код сите апликации развиени за нив.

Според Leggi Oggi, законот може да помогне да се намалат трошоците за ИТ во регионот од 15 до 20 отсто

Регионот Пуља, има за цел да ги вклучи и своите универзитети, претпријатија и граѓани да помогнат да се надминат бариерите за воведување на услугите на е-власт. Leggi Oggi, цитирајќи го советникот Фратојани: “Ова учество на јавноста ќе биде важен метод за мерење на квалитетот на демократското учество“.

Законот е комбинација од неколку предлози дадени од политичарите од регионот минатата година.

Извор: Joinup.eu “Italy’s Puglia region passes law on use of open source and open data“ 13 јули, 2012.