Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија

Зошто огромен број граѓани, но и новинари, политичари, професори и други јавни личности, потпаднаа под влијание на дезинформации за ковид-19 до тој степен што и самите земаа активна улога во нивно ширење, приспособување и измислување?

Оваа појава претставува проблем на светско ниво, а е особено изразена во Република Северна Македонија, екстремно поларизирано општество, каде што нивото на слобода на медиуми и политичка култура се обременети со последиците на период на заробена држава и непрекината популистичка пропаганда.

Студијата „Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија“ прави пресек на дезинформациските трендови што ги попречуваа напорите да се запре ширењето на пандемијата во текот на 2020 година и ги утврдува факторите што придонесуваат за подложност на граѓаните на разновидни медиумски и политички манипулации, како и теории на заговор и комерцијална злоупотреба на стравот преку надрилекарство. Како кандидатка за членство во Европската Унија, РСМ споделува карактеристики со други транзициски средини, како огромната потреба за реформи и модернизација на образовниот систем, како и обнова на здравствениот систем како основа за враќање на довербата во државните институции. Согледувањата и препораките добиени со оваа студија имаат пошироко значење, бидејќи се применливи на сите средини каде што владеат слични услови, но и на развиените демократии кои се во опасност од уназадување доколку се дозволии преземање на власта од недемократски, илиберални и ектремистички движења, кои го користат стравот како политичко оружје.

Преку квантитативната и квалитативната анализа на речиси петстотини антидезинформациски написи и конкретни научени лекции, студијата дава насоки како едно општество, преку заеднички напор на сите чинители, како и преку користење на јаките страни на државниот сектор, академската заедница, медиумите, граѓанското општество и зголемен ангажман на самите индивидуални граѓани, со користење на дигиталните алатки треба да ѝ се спротивстават на инфодемијата и да ги зачуваат здравјето и животите на своите најблиски.

При тоа, од клучна важност е да се истакне неопходноста од системски пристап за градење култура на критичко мислење и општествен дијалог на сите нивоа. Земајќи ја предвид високата поларизација, при подготовка на интервенции против дезинформациите е важно да се носат одлуки засновани на податоци со унапредување на улогата на новинарите и научниците.

Оваа анализа, развиена и спроведена во тесна соработка меѓу фондациите „Фридрих Науман“ и „Метаморфозис“ се заснова на директните искуства од проектите „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, новинската агенција „Мета.мк“ и порталот за вести на албански јазик „Порталб.мк“, како и на информациите за активностите на сите споменати чинители кои во изминатиот период на различни начини се спротивставуваа на инфодемијата.

Кус водич за теории на заговори

Публикацијата „Кус водич за теории на заговори“ се надоврзува на прирачникот за неформално образование за медиумска писменост „Со критичко мислење до разобличување дезинформации“ претходно објавен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ го спроведуваат со поддршка од Европската унија. Прирачникот служи како клучен […]

Истражување: Пандемија или инфодемија? Критичкото мислење и теориите на заговор во време на пандемија

Истражувањето дава придонес кон корпусот знаење што го имаме како општество за феноменот на дезинформациите и лажните вести и за тоа како нашите вештини за критичко мислење можат да придонесат за зголемена отпорност на нашето општество кон пропагандите од секаков вид. Истражувањето покажува дека теориите на заговор и алтернативните наративи околу пандемијата се широко распространети […]

Истражување: Значењето, присуството и свеста за критичко мислење и медиумска умешност во медиумската индустрија

Ова истражување го анализира влијанието на состојбата на медиумите и медиумската писменост врз вештините кај самите новинари да произведуваат квалитетни медиумски производи. Наодите од истражувањето покажуваат дека лошата економска состојба во која се наоѓаат медиумите, како и политичките притисоци и манипулацијата со медиумски содржини за остварување политички цели, се главните причини за падот на квалитетот […]

Verified by MonsterInsights