Анализа на европската Директива за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор

Фондација Метаморфозис работеше на превод и препораки за транспонирање на европската Директива за отворени податоци и повторна употреба на информации од јавниот сектор. Анализата на Директивата ги утврдува обврските кои произлегуваат од истата во контекст на нејзино усогласување со националното законодавство. Имајќи предвид дека оваа Директива е акт со којшто не се уредува материјата за прв пат, односно основната верзија на Директивата 2003/98/ЕЗ и нејзините измени во Директивата 2013/37/ЕУ со кои најшироко се спроведе политиката за отворени податоци, анализата прави споредба помеѓу начинот на кои одредени прашања беа претходно уредени и како истите се предлага да бидат уредени сега со Директивата 2019/1024/ЕУ. Оваа Директива ( 2019/1024/ЕУ) влезе во сила во јули 2019 година и со тоа ги стави вон сила претходните. Земјите членки имаа обврска да ја транспонираат Директивата во своите национални законодавства до 17 јули 2021 година.

Главна причини за ревизија и цел на преобликувањето на Директивата е да се зајакне економијата на податоци на ЕУ преку зголемување на количината на јавно чувани и јавно финансирани податоци достапни за повторна употреба. Директивата беше усвоена во ЕУ со цел да се усогласат основните услови за повторна употреба низ ЕУ и да се отстранат главните бариери за повторна употреба на внатрешниот пазар, со што се обезбедува конкурентна средина погодна за развој на пазар на производи и услуги базирани на информации.