Во периодот јуни 2021 до февруари 2022 година, тимот на порталот за јавна отчетност, транспарентност и проверка на факти, Вистиномер, со поддршка од Мета и Порталб, другите два портали во издание на Фондацијата за интернет и општество, Метаморфозис, работеше на проектот со наслов „Рапиден одговор на вакцинални дезинформации“, кој беше помогнат од Балканскиот фонд за демократија, посебна регионална иницијатива на Германскиот Маршалов план од Вашингтон.
Целта на овој проект беше да се засилат и надградат постоечките напори во борбата против дезинформациите за вакцините во јавниот дискурс, пред сѐ, во медиумите и на социјалните мрежи, но и да се разобличат политичките и медиумските манипулации кои се однесуваат на ковид-19 и вакцините. За постигнување на оваа цел се користеа активности за проверка на факти во формат податлив за пошироката публика од различните географски подрачја во земјата и за поединци со различни образовни нивоа.
Проектот имаше комбиниран приод кој се засноваше на засилена продукција и дистрибуција на верификувани едукативни медиумски содржини наменети и за медиумите и за пошироката јавност, се бараше зголемена транспарентност од властите и се поттикнуваше нивна соработка со медиумите и невладиниот сектор, а, исто така, беше остварена и директна соработка меѓу медиумите и медицинските професионалци за стручни прашања поврзани со вакцините, ковид-19 и јавното здравје пошироко.
Овој документ со наслов „Фактите, упорноста и постојаноста се најважните оружја во борбата против вакциналните дезинформации“ претставува, пред се, преглед на различните видови дезинформации со кои се сретна проектниот тим во нивната работа на проверката на факти, а содржи и заклучоци и препораки за медиумските професионалци, истражувачите, но и сите оние кои сакаат да навлезат подлабоко во светот на дезинформациите за ковид-19 и вакцините против ковид-19.