Ова истражување ги анализира импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Services Act – DSA) на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија. Како дел од поширокиот процес на усогласување со европските стандарди, Законот за дигитални услуги на ЕУ наметнува нови правила за модерирање на содржини, транспарентност на алгоритмите и одговорност на дигиталните платформи. Истражувањето ја испитува свесноста, ставовите и искуствата на граѓанските организации и истражувачките новинари во однос на дигиталните платформи, модерирањето на содржините и потенцијалните ризици од злоупотреба на новите механизми како „доверливи пријавувачи“ (Trusted Flaggers) и координатори за дигитални услуги (Digital Service Coordinators – DSCs).
Истражувањето се заснова на квантитативни и квалитативни методи, вклучувајќи анкета со претставници од медиумскиот и граѓанскиот сектор, како и интервјуа со релевантни институции и експерти. Резултатите покажуваат дека новинарите и граѓанските организации се соочуваат со ограничен досег на содржините, алгоритамска пристрасност и нејасни процеси за жалби, што може да се влоши со неправедно спроведување на Законот за дигитални услуги на ЕУ. Главните загрижености на испитаниците се потенцијалната политичка злоупотреба на механизмите за модерирање, намалената видливост на критички содржини и селективната примена на регулативите.
Заклучоците укажуваат дека Законот за дигитални услуги на ЕУ може да има позитивно влијание врз зголемување на транспарентноста и заштитата на дигиталните права, но само доколку се спроведе правично и непристрасно. Истражувањето нуди конкретни препораки за транспарентно спроведување на Законот за дигитални услуги на ЕУ во Северна Македонија, вклучувајќи јакнење на независноста на регулаторните тела, јасни механизми за жалби и активна улога на граѓанското општество во процесот на следење и имплементација.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in Tech Kosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).