Фондацијата Метаморфозис, заедно со Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa, објавува Извештај од сенка за медиумските слободи во Северна Македонија.
Овој извештај нуди ажуриран преглед на медиумскиот пејзаж во Северна Македонија. Тој ги истакнува и позитивните случувања но и постојаните или новонастанатите предизвици во медиумскиот сектор. Извештајот содржи и сет препораки упатени и до државните институции и до засегнатите страни во Европската унија, со повик за преземање решителни чекори за заштита на слободата на медиумите во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Извештајот и неговите препораки се изработени како дел од иницијативата Media Freedom Rapid Response, европски механизам што ги следи, документира и реагира на прекршувањата на слободата на печатот и медиумите во земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати. Тој се потпира и на истражувачките и застапувачките активности поддржани од проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.
Автори на извештајот се Серена Епис од OBCT, како и Зоран Ричлиев и Горан Ризаов од Фондација Метаморфозис.