Овој документ за политики се заснова на наодите од истражувањето за Парламентарните избори во Северна Македонија во 2024 година од гледна точка на социјалната инклузија, со посебен фокус на лицата со попреченост и етничките заедници. Лицата со попреченост се разгледуваа во рамките на социо-економскиот аспект, како повеќекратна ранлива група, кои се соочени со социјална и политичка лишеност поради нивната попреченост. Етничките заедници беа анализирани во рамките на аспектите на етничкиот идентитет, врз основа на претпоставката дека етничкиот идентитет ја дава основата за социјална дистанцираност.
Социјалната инклузија во изборниот процес се следеше преку интернет порталите како една од клучните платформи за дисеминација на информации, простор за политичка дебата, како и сфера каде се покренуваат прашања од политичко и општествено значење. Онлајн медиумите се значајни посредници во обликувањето на јавното мислење во современите општества, кои служат како важни канали за политичка комуникација, како и платформи за политичко рекламирање. За време на изборите, овој простор треба да овозможи еднакво, отворено и инклузивно учество за различни актери, презентирајќи ги нивните мислења, и истовремено обезбедувајќи дискурзивен форум за сите чие јавно и политичко учество е оспорено од која било причина.
Пристапот со примена на комбинација од методи се состоеше од квалитативна длабинска анализа на содржините и полуструктурирани интервјуа со стручни лица. Така се обезбеди сеопфатен и продлабочен увид во однос на вкрстените аспекти на социјалната инклузија, работата на онлајн медиумите и политичките структури, што се отсликуваше во политичката комуникација, промовирањето и новинарското покривање во врска со социјалната инклузија/маргинализација и етничката кохезија/етничкото дистанцирање за време на кампањата. Преку длабинската анализа на содржините беше направен квалитативен преглед на 68 новински написи објавени на 21 интернет портал. Примерокот беше претходно избран според поврзаноста со ранливите групи во рамките на медиумската анализа спроведена од Фондацијата Метаморфозис, која следеше 30 интернет портали и 2 генератори на вести. Дополнително, беа спроведени 15 полуструктурирани интервјуа со истакнати експерти за социјална инклузија, политичко рекламирање, медиуми и политички комуникации. Преку интервјуата се истражуваше застапеноста на маргинализираните групи, наративите изградени околу нив, и вкрстувањето на социјалната инклузија и платеното политичко рекламирање за време на изборите.
Овој производ е подготвен во рамки на проектот “Пари, медиуми и избори во Северна Македонија” финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.