Овој извештај содржи анализа на написите за парламентарните избори во Северна Македонија објавени од страна на 30 (триесет) избрани информативни интернет портали (во натамошниот текст, ИИП) во периодот од 15 април до 10 мај 2024 година. Во оваа група портали, дваесет и два ИИП објавуваат вести на македонски јазик, додека осум објавуваат содржини на албански јазик. Во мониторингот беа вклучени ИИП кои се ставени на листата на Државната изборна комисија (ДИК) како веб-страници кои обезбедуваат платено политичко рекламирање за изборната кампања за пратеници во Собранието[1]. Покрај тоа, во истиот период беше направена и анализа на рекламните банери на избраните ИИП, a мониторингот вклучи и уште два агрегатори на вести [2].
Основна цел на мониторингот беше да придонесе за идентификување на критичните празнини и слабости поврзани со онлајн медиумите во Северна Македонија, финансирањето на политичките партии и изборниот интегритет. За таа цел се користи нов пристап за проверка, односно: (а) трошењето на јавни средства за изборна кампања на ИИП и (б) како ИИП ја покриваа кампањата, со оглед дека тоа се два аспекти за кои во моментов не постои формално воспоставен институционален надзор. Исто така, една од клучните цели на ова истражување беше да се спроведе и тестира методологијата за мониторинг на ИИП за време на изборните кампањи. Истражувањето послужи да се спроведе и тестира методологијата за мониторинг на ИИП за време на изборните кампањи.
Резултатите од истражувањето потврдија дека локалните ИИП во многу поголема мера известуваа за партиските активности за време на изборната кампања, споредено со нивното редовно известување за политички теми. Кај ИИП кои во најголем обем известуваа за изборите генерално се покажа дека е присутна пристрасност и поддршка за одредени учесници на изборите, односно дека таквото покривање и големиот број написи за изборите беа во насока на поддршка на кампањите на учесниците во изборите.