Со поддршка од Фондација Отворено Општество – Македонија и Националната фондација за демократија, Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа на ГО – Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE), подготви процена на доброто владеење на законодавната власт на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Процената се базира врз сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност и има за цел да утврди до кој степен се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. Овој труд дава длабинска анализа на работата на Собранието на Република Северна Македонија, но дава и резиме на вкупните перформанси на соодветните институции во нашиот регион. Регионалната перспектива служи како референца за тоа како напредуваат државите во регионот кон подобрување на доброто владеење и владеењето на правото што ги води кон нивната стратегиска цел – членство во ЕУ.
Трудот е збогатен со практични препораки за тоа како Собранието во Северна Македонија може да го подобри почитувањето на принципите на добро владеење во иднина. Препораките ќе бидат соопштени до високите државни службеници преку состаноци, како и до пошироката јавност преку социјалните медиуми и одржување на јавни настани.
Истражувањето е спроведено меѓу февруари и мај 2024 година.