Процена на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност, мерење за 2025 година

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со Рурална коалиција, а со поддршка од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, подготви процена на состојбата на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Северна Македонија за 2025 година.

Процената е резултат на спроведеното истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да го утврди степенот до кој се почитуваат начелата на доброто владеење, во овој случај на локалната власт во Република Северна Македонија.

Индексот на отвореност се заснова на методологијата на Индекс на отвореноста на ЕЛС во регионот на Западен Балкан, кој го спроведува ACTION SEE – мрежата за одговорност, технологија и институционална отвореност во Југоисточна Европа. Индексот ги зема предвид разликите и особеностите на секоја од земјите, како во поглед на законските обврски за ЕЛС, така и во однос на практиките.

Овој извештај нуди анализа на работата на ЕЛС во Република Северна Македонија во однос на начелата на транспарентност, свесност, пристапност и интегритет, со заеднички домен присутен во сите четири начела – отворени податоци. Врз основа на направената процена, дадени се препораки за подобрување на работењето на ЕЛС во областите што се опфатени со истражувањето.