Во декември 2023 година, Владата ја усвои Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија, со акциски план 2023 – 2026 година, предложена од Кабинетот на Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење. Стратегијата беше подготвувана низ широк и сеопфатен процес, во кој беа вклучени претставници од државните институции, од Здружението на новинари на Македонија, од граѓанскиот сектор, како и експерти од областа, со поддршка и во соработка со Фондацијата Метаморфозис.
Фондација Метаморфозис континуирано ја оценува отвореноста на институциите преку Индексот на отвореност и дава препораки за тоа како да се подобри доброто управување, а се обврзавме да го следиме спроведувањето на соодветниот акциски план за да видиме колку институциите ги земаат предвид повратните информации што им ги даваме.
Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за транспарентност опфаќа период од две години (декември 2023 – декември 2026), и се состои од шест поглавја кои содржат по неколку стратешки определби понатаму поделени на мерки и активности. За секоја активност има одредено временска рамка и одговорен орган за спроведување, како и индикатори за успех. Метаморфозис го следи спроведувањето на активностите според индикаторите за успех дадени во самиот акциски план, па ова може да послужи како извештај во сенка за спроведувањето на истиот.
Овој мониторинг го проценува спроведувањето на акцискиот план во две димензии: (1) дали се спроведува навремено и (2) дали се спроведува целосно, во случаен примерок од 40 институции: 20 министерства и 20 органи и тела на извршната власт. Подготвени се четири различни прашалници според видот на институцијата и активностите кои тие институции требаше да ги спроведат во првата година (јануари 2024 – јануари 2025 година): (1) Генералниот секретаријат како централна институција за мониторинг и орган за спроведување, (2) Министерства и органи и тела на извршната власт, (3) Министерството за финансии, Министерството за правда, и Министерството за дигитализација, кои покрај општите обврски што се однесуваат на сите институции, се одговорни и за спроведување на специјализирани активности, и (4) Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер заради одговорноста за спроведување на специјализирани активности.