Пропаганда, лажни наративи, дезинформации – штетните влијанија на Кремљ во С. Македонија, Зборник на медиумски написи

За демократијата да биде одржлива и функционална, потребно е не само вклучено и активно граѓанство, туку и добро информирана јавност, што овозможува носење квалитетни одлуки, базирани на знаење. Наспроти тоа, слободите на изразување и на медиумите се загрозени од напливот на дезинформации кои се дел од популистичката авторитарна пропаганда од домашни и странски извори.

Проектот „Антидезинформациски центар: разоткривање на малигни влијанија преку новинарство“ има за цел да ги разоткрие главните пропагандни тврдења кои го негираат постоењето на штетни странски влијанија во Република Северна Македонија насочени кон подривање на демократијата. Тој е дел од континуираните напори на Фондацијата „Метаморфозис“ и мрежа од медиуми, истражувачки новинари и аналитичари да се документираат состојбите и ги демаскираат дезинформациите преку обезбедување докази за фактичката состојба. Зборникот „Пропаганда, лажни наративи, дезинформации – штетните влијанија на Кремљ во С. Македонија“ претставува избор на создадените јавни записи засновани на транспарентен методолошки пристап за проверка на факти кои ги ги побиваат централните начела на антидемократската и популистичка пропаганда.