Мени

Реформи во правосудството: заокружена законска рамка, ЕУ задоволна, во земјата сомневања

Клучната област за побрза ЕУ интеграција, функционирањето на правната држава и владеење на законите, со еден збор правосудството, во моментов е во некоја чудна состoјба која тешко може да се дефинира.

Регистриран е напредок во однос на 2019 година и во поглед на законската рамка и во поглед на унапредување во праксата во дел од сегментите на правосудството. Законската рамка со донесување на новиот Закон за Јавно обвинителство на последнот ден од заседанието на Собранието, 16-ти февруари 2020 година, де факто беше заокружена. Сите клучни закони од областа што ги тангираат и судството и обвинителството беа заокружени. Но, само денови подоцна, двете најголеми политички партии во земјата, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ одржаа протестни маршеви пред зградите на Обвинителството и главните судови во РСМ, барајќи побрза и неселективна правда. Со ова, партиите фокусот сега го свртеа кон самите чинители во областа, кон обвинителите и судиите.

Од друга страна, Судскиот совет на РСМ како конечно да профункционира, па почнаа со засилено разгледување на претставки за самите судии, почнаа и првите разрешувања, меѓу кои разрешен беше и претседателот на Врховниот суд.

ЕУ пак, во својот последен надополнет извештај за напредокот на државата, изрази задоволство од степенот на правосудните реформи.

Гледано по области клучни проблеми се уште се присутни:

Судството и Обвинителството се соочуваат со недоволно финансирање, иако во поглед на Обвинителството законот сега е попрецезен и дефинира финансирање со најмалку 0,4 отсто од Буџетот на РСМ секоја година.

Кадровските проблеми се заеднички и за судството и за обвинителството. И во двата сегменти недостасуваат голем број судии и обвинители. Начинот на прием на нови останува ист како што беше дефиниран минатата година – Академијата за судии и обвинители е единствената порта и предуслов за промовирање нови кадри.

Ефикасноста и во судството и во обвинителството, се чини дека многу поврзана со претходно споменатиот проблем со недостиг на кадри, иако според годишните извештаи и на судството и на обвинителството, таа генерално е добра. Но, проблемот со предметите стари 3, 5 и 7 години во судовите останува како не мала бројка, а бавноста на постапките во вископрофилираните предмети поднесени од Специјалното јавно обвинителство покажуваат дека не секогаш проблем е недостигот од судии, туку и судскиот менаџмент и самото постапување на судиите.

Ветингот на судиите останува во игра од страна на политичарите, експертите јасно се изразија против, а засега се спроведува т.н. мек ветинг, т.е. проверка на одреден  број судии од страна на Антикорупциската комисија.

На независноста, на транспарентноста, на дигитализацијата и севкупното IT унапредување во работењето на судовите и обвинителствата, се уште треба да се работи…

Истражувањето што е пред вас, е изготвено согласно достапните податоци до крајот на март 2020 година. Тоа е спроведено во рамки на регионалниот проект „Западен Балкан и процесот на пристапување во ЕУ: Примена на политичките критериуми“, што го води Центарот за демократска транзиција од Подгорица, Црна Гора. Проектот е подржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД.

Преземања: 106