Северна Македонија го интензивира процесот на пристапување кон Европската Унија, особено по првата Меѓувладина конференција во 2022 година. Една од клучните области на фокус е дигитализацијата на јавната администрација, со цел да се постигне поголема ефикасност, транспарентност и подобра основа за борба против корупцијата.
Како дополнување на пристапниот процес, во 2024 година, Европската комисија го објави Планот за раст за Западен Балкан, кој нуди поддршка од 5 милијарди евра за земјите од регионот. Целта на Планот е приближување кон ЕУ преку: интеграција во заедничкиот европски пазар; зајакната регионална соработка; спроведување на клучни реформи и директна финансиска помош. Со цел да се искористат придобивките од Планот за раст, секоја земја од регионот изготви и започна со спроведување на сопствена Реформска Агенда.
Реформската агенда на Северна Македонија е дизајнирана како динамичен инструмент за забрзано усогласување со европските стандарди. Целта на реформската агенда е да обезбеди транспарентно и одговорно управување, да поттикне развој на конкурентна и зелена економија и да го поддржи пристапниот процес на земјата.
Агендата се темели на пет приоритетни области: Управување, со фокус на реформата на јавната администрација и управувањето со јавните финасии; Енергетска и дигитална транзиција; Развој на човечкиот капитал; Развој на приватниот сектор и деловното опкружување; и Фундаментални вредности, со акцент на владеење на правото и борба против корупцијата.
Во октомври 2024 година, Министерството за европски прашања објави дека Европската комисија официјално ја одобри Реформската агенда на Северна Македонија. Со ова одобрување, Северна Македонија доби пристап до фондовите од 6 милијарди евра, кои треба да го поддржат нејзиниот трансформативен реформски процес, со фокус на зајакнување на демократските институции, заштитата на човековите права и продлабочена економска интеграција со Европската Унија.
Во април 2025, Фондација Метамофрозис објави преглед со резултатите постигнати до првиот рок, март 2025 година, поделени по клучни подобласти на дигитализација: дигитализација и кибербезбедност, како и планираните активности за 2026 и 2027 година.
Со рок до крајот на јуни 2025 година се 16 нови чекори, кои ослободуваат над 70 милиони евра. Од нив, над 19 милиони евра се ослободија со донесување на Реформскиот пакет на закони за дигитална трансформација на Република Северна Македонија. Погледнете го прегледот што го подготвивме, поделен по клучни подобласти на дигитализација: дигитализација и кибербезбедност со рок на завршување до јуни 2025, како и преглед на планираните активности за 2026 и 2027 година.