Северна Македонија направи значителен чекор напред во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено по првата Меѓувладина конференција во 2022 година. Како еден од клучните елементи во пристапните реформи се издвојува дигитализацијата на јавната администрација, која овозможува поголема ефикасност, транспарентност и поефективна борба против корупцијата. Извештаите на Европската комисија нотираат и напредок и предизвици, вклучително и надградбата на Националниот портал за е-услуги и потребата од подобрување на квалитетот на податоците, користењето на интероперабилност и поголема институционална координација. Во овој контекст, Планот за раст за Западен Балкан, инициран од Европската комисија, претставува дополнителна можност за зајакнување на реформите преку економска интеграција со ЕУ, регионална соработка, фундаментални реформи и финансиска поддршка. Северна Македонија подготви и отпочна со спроведување на сопствената Реформска агенда, која е насочена кон добро управување, дигитална и енергетска транзиција, развој на човечки капитал, поддршка на приватниот сектор и унапредување на владеењето на правото. Во октомври 2024 година, Европската комисија ја одобри Реформската агенда на Северна Македонија, со што се отвори пристап до 6 милијарди евра од Фондот за реформи и раст – средства кои ќе го поддржат демократскиот и економскиот напредок на земјата, вклучително и трансформацијата на јавната администрација преку дигитализација. За подетален преглед на досегашниот напредок во областа на дигитализацијата, погледнете го прегледот на постигнувања што го подготви Фондација Метаморфозис. Во него се презентирани резултатите од 2025 година поделени по клучни подобласти на дигитализација: дигитализација и кибербезбедност, како и планираните активности за 2026 и 2027 година.