Според Светскиот извештај за е-парламенти за 2012 година објавен минатата недела, парламентите во светот многу бавно ја зголемуваат употребата на решенија базирани на слободен софтвер.
Повеќето парламенти (80 %) сега користат најмалку една апликација базирана на слободен софтвер. Во повеќето случаи овој вид на софтвер се користи за опслужувачите (50 %), за објавување на интернет (36 %), за бази на податоци (31 %) и за е-пошта (31 %).
Извештајот го подготви Глобалниот центар за ИКТ во парламентите, проект на Одделот за економски и социјални прашања на Обединетите нации. Во него се наведени резултатите од истражувањето на 156 парламенти низ целиот свет, вклучувајќи ги и одговорите доставени од парламентите на сите земји-членки на ЕУ.
Во врска со слободниот софтвер, извештајот укажува на незначителна промена на бројките од 2009 година – годината на претходното истражување. Таа година во извештајот се изрази загриженост во врска со релативно ниското ниво на употреба на слободен софтвер. Во 2009 година, половина од парламентите користеа слободен софтвер за опслужувачите, 35 проценти го користеа за објавување на интернет, 29 проценти за бази на податоци и 32 проценти за е-пошта.
Резултатите од новото истражување покажуваат дека користењето на слободен софтвер сепак се зголемило кај некои апликации: „Кај системите за управување со документи се искачи од 10 отсто во 2009 година на 21 отсто во 2012 година, а кај системите за управување со содржини од 15 на 28 отсто“.
Во извештајот се забележува и дека „слободниот софтвер и отворените стандарди за документи имаат инверзен однос со приходите на парламентите“. Запрашани за најкорисните технологии воведени во изминатите две години во насока на подобрување на работата на парламентот, еден од пет парламенти од земјите со ниски приходи го спомнаа слободниот софтвер. Во земјите со високи приходи слободниот софтвер го спомнуваат само 7 проценти од парламентите.
Според еден од авторите на извештајот, Џефри Грифит, висок советник за Глобалниот центар за ИКТ во парламентите, тоа не значи дека слободниот софтвер не би бил корисен и за земјите со повисоки приходи. „Едно објаснување може да биде дека слободниот софтвер се смета за особено корисен за парламентите во земјите со помали приходи, имајќи ги предвид трошоците за комерцијални софтверски лиценци“.
Извор: Joinup.eu „Report shows meagre rise in use of open source by parliaments“ 18 септември, 2012.