Според најновиот двегодишен извештај за транспарентност на Google за периодот јули-декември 2011 година, бројот на владините барања за приватни податоци на корисниците и за отстранување содржини продолжил да расте.

Извештајот ја прикажува ситуацијата за секоја земја поединечно и се однесува на барањата добиени од органите на судската и извршната власт, додека со барањата за отстранување содржини поради прекршување на авторски права извештајот се занимава одделно.

Така, вкупниот број на барања достигнал 11.936 во втората половина на 2011 година, во споредба со 9.600 барања во истиот период во 2010 година и 8.959 барања во втората половина на 2009 година.

На пример, шпанската Агенција за заштита на податоци поднела 14 барања за отстранување содржини, а повеќето од нив биле во врска со резултати од пребарување кои воделе до блогови или веб-локации на кои имало содржини за личности од политичкиот или јавниот живот. Агенцијата побарала и елиминирање на три блогови хостирани на Blogger и 3 видеозаписи на YouTube. Сепак, Google не ги прифатил барањата кои немале судска поддршка, сметајќи ги за владина цензура.

Во Полска, Агенцијата за развој на компании барала од интернет-пребарувачот да избрише резултат од пребарување кој не бил поволен за Агенцијата и 8 други врски кои воделе до тој резултат.

Во Франција, државата бараше бришење на 61 содржини со 31 барање, а поголемиот дел од нив беа за содржини како што се клеветење или порнографија на YouTube.

Во извештајот на Google се наведува бројот на барања кои компанијата ги прифатила или ги одбила, правејќи разлика помеѓу судските и административните барања. „Постојат неколку причини зошто не се согласуваме со одредени барања. Некои од нив можат да бидат и доволно конкретни, за да знаеме што е тоа што владата сака да го потиснеме“.

Дороти Чоу, аналитичар за политики на Google изјави за Форбс дека Google има одредени критериуми за барањата. Тие мора да бидат доставени во писмена форма, мора да се испратени од соодветна агенција, во нив мора да се наведе кривично дело и треба да бидат доволно конкретни во однос на бројот на корисници кои се засегнати и во однос на временската рамка што се бара. „Сакаме да покажеме дека се залагаме во ваше име. Но сакаме и да го сториме правилното, според духот и словото на законот“, вели Чоу.

Гугл го смета за алармантен фактот што дури и во земјите кои се сметаат за демократски, како што се Шпанија, Франција, Полска, Обединетото Кралство, САД или Канада се зголемиле барањата што ги добиваат во врска со политичкото изразување.

„Забележавме дека владините агенции од различни земји понекогаш бараат да отстраниме политички содржини кои нашите корисници ги поставиле на наши сервиси. Се надевавме дека тоа е грешка. Но, сега веќе со сигурност знаеме дека не е. Исто како и претходно, од нас се бараше да отстрануваме политички говори. Тоа е алармантно, не само затоа што се загрозува слободното изразување, туку и затоа што некои од овие барања доаѓаат од земјите од кои не се очекува – западните демократии кои обично не се поврзуваат со цензура“, изјави Чоу.

Извор: ЕДРИ-грам „Google Transparency report: increasing trend of government censorship“ бр. 10.12, 20 јуни, 2012.