На 2 март, 2009 г., Јаху беше казнет од белгиски суд поради тоа што одби на Белгиските власти да им предаде лични податоци на лица за кои се води истрага за компјутерски криминал.

Белгиските власти побараа од Јаху да открие детални информации за неколку е-адреси користени од наводните криминалци под псевдоними. Јаху одби аргументирајќи дека такво барање требало да ги следи соодветните канали и да биде упатено до властите на САД наместо до нив како комерцијална компанија. Тие без проблем би ги понудиле информациите на барање на американските власти.

Сепак, обвинителството тврдеше дека компанијата треба да ги предаде побараните податоци бидејќи има сервиси во Белгија и поради тоа треба да ги почитуваат законите на земјата.

Судот пресуди во полза на обвинителството и ја казни американската компанија со 55.000 евра плус 10.000 евра за секој ден што одбива да ги предаде побараните податоци од тие корисници. Судијата изјави дека процедурата на барање податоци „апсолутно не претставува никаков проблем за Гугл или Мајкрософт“.

Официјалната изјава на компанијата беше дека не се согласува со пресудата на судот и дека ќе поднесе жалба. „Yahoo! Inc., која е американска корпорација, нема бизнис претставништва во Белгија и не ги чува информациите за корисниците во Белгија. САД и Белгија имаат формален меѓународен договор којшто обвинителот требаше да го почитува и на соодветен начин да побара информации од американска компанија. Yahoo! не крие информации од Белгиската влада. Ние имаме легална причина и политика за неоткривање на информации во овој случај сè додека признаениот меѓународен процес не се испочитува. Го покренавме ова прашање и пред американската влада“ се вели во соопштението на компанијата.

Се чини дека Yahoo е повнимателен по острите критики од 2007 г. откако ја почитуваше одлуката на кинеските власти и им предаде информации за корисничкиот налог на едно лице, што резултираше со затворањето на политичкиот дисидент. Оттогаш, компанијата се придружи на иницијативата Global Network Initiative (GNI), организација поборник за зачувувањето на слободата на изразување на интернет. Членовите на GNI ќе ги оспорат барањата за откривање на приватни податоци од страна на владите во случај тие барања да се сметаат за прекршување на меѓународните закони за човекови права.

Извор: ЕДРИ-грам „Yahoo penalised in Belgium for not disclosing personal data“ бр. 7.5, 11 март, 2009.