Во текот на месец јули, групата ЛугоП во соработка со НВО „Скорпион“ од Прилеп организираше редица настани кои го одбележаа целиот месец како месец на ГНУ/Линукс.
Проектот започна на 1 јули 2007 година, со пробувањата на ГНУ/Линукс во просториите на Центарот за поддршка на корисници на ЛугоП во Прилеп, како и емитување на краткиот видео-материјал за Убунту кој доаѓа како пример за .ogg фајл во дистрибуциите на Убунту. На настанот беа поделени одреден број Убунту/Кубунту дискови.
Следниот чекор во спроведувањето на проектот беше разделувањето на околу 30 ГНУ/Линукс дистрибуции на тренингот за пиар едукатори одржан од 2 до 5 јули во Маврово. Покрај дистрибуциите на слободен оперативен систем, беа поделени и упатства за негова инсталција без оштетување на постоечките инсталации на оперативни системи.
На 23 истиот месец беше реализирана презентација која беше насочена кон софтверскиот пакет Опен офис и оперативниот систем Убунту Линукс. Истата беше организирана во две групи, едната со цел да учи, додека другата пробува и обратно. Со оваа презентација беа опфатени 20 учесници на кои им беа поделени дискови со слободен софтвер наменет за негово користење на оперативните системи Мајкрософт Виндоуз.
Како завршна активност беше организиран Брнфест на кој беа снимени околу триесетина ГНУ/Линукс дистрибуции. Членството и понатаму продолжи со ваквата активност.
Ова беше најмасовниот проект кој групата ЛугоП го има реализирано досега. Целиот проект беше финансиран од сопствени средства, но за реализирањето на настаните помогнаа и некои поединици, фирми и НВО како што се: Фондацијата Метаморфозис Скопје, ДООЕЛ „Био – реклам МБ“ Прилеп, ДОО „Дониа“ Прилеп, НВО „Скорпион“ и Интернет порталот Таратур.ком.



