Уште доста време ќе почека новиот проект „Публикации за најзначајните вредности на културното и природното наследство“ за да биде достапен до сите на интернет. Засега не е планирано најавените 150 книги да бидат дигитално достапни на глобалната мрежа, а Министерството за култура го најави проектот како капитален.

Програмскиот координатор на фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски вели дека се што се произведува, а што е општо добро треба да биде на интернет.

– Се за што се дадени јавни пари треба да биде достапно на интернет бесплатно, за да не мора граѓаните двапати да плаќаат. Досега имаше многу проекти од кои мал број најдоа одраз на интернет. Откако ќе се потроши тиражот на книгата, како да не постои, додека на интернет е вечно. Апсурдно е да не е дигитално достапно. Треба да се сменат нештата и со мала промена на процедурите ќе може многу да се добие. Не чини ништо, а се добива многу – објаснува Стојановски.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, кој е дел од проектната комисија за публикациите, вели дека сега гледаат да го завршат овој дел од проектот, а достапноста на интернет и во дигитална форма би следела понатаму.

– Сега најважно ни е да ги имаме публикациите за да можат туристите што ја посетуваат земјава да ги земаат. Понатаму, како втора фаза би било нивна достапност на интернет – рече Кузман.

Тој објасни дека тоа не би било тешко бидејќи и онака книгите електронски се подготвуваат, но не знаеше кога би било тоа направено. Кузман рече дека публикациите ќе имаат унифициран изглед, со фотографии кои ќе ги прават познати фотографи од кај нас и од светот, а текстовите ги пишуваат стручњаци од соодветни области.

Публикациите се поделени во четири едиции: за археолошкото и културното наследство, во која ќе бидат опфатени локалитетите и значајните наоди од нив, за сакралното културно наследство, а ги опфаќа христијанските и османлиските споменици во земјава, за ризниците од црквите и манастирите, во која ќе биде претставено богатството од фрески и икони и за природното наследство на земјава, каде што ќе ги има националните паркови, значајните места, ендемичната флора и друго.

Секој од примероците ќе биде печатен во 2.000 примероци, а ќе бидат преведени на 15 јазици, англиски, шпански, италијански, француски, кинески, холандски, арапски, турски и други.

Извор:  Шпиц „Капиталните убавини далеку од интернет“ бр. 975, 3 септември, 2009.